Албанските власти мораат да основаат посебна здравствена установа за лица со психичко растројство кои се лишени од слобода

Во предметот Стразимири против Албанија (жалба бр. 34602/16, од 21 јануари 2020 година), Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) едногласно утврди дека:

  • дошло до повреда на член 3 (забрана на нечовечко или понижувачко постапување) од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) заради постоењето на несоодветни услови за живот во затворската болница во која жалителот бил притворен и недоволна психијатриска нега;
  • дошло до повреда на член, став 1, 4 и 5 (право на слобода и безбедност), особено затоа што жалителот бил лишен од слобода во затворот, а не во здравствена установа, и затоа што неговата жалбена постапка против притворот пред Врховниот суд, која започнала во 2016 год., сè уште трае.

Предметот се однесува на притворот на жалителот, Арбен Стразимири, кој откако бил ослободен од кривична одговорност заради психичко растројство, бил и понатаму задржан во затворот, наместо да биде преместен во здравствена установа. Националните судови и органите на прогонот утврдиле дека сместувањето на лица со психичко растројство кои се ослободени од кривична одговорност во установи кои одговараат на нивните потреби, како што е специјалното крило на затворската болница во Тирана, сè додека не се изградат други специјализирани установи, не е во спротивност со законот.

ЕСЧП конкретно утврди дека албанските власти во текот на подолг временски период не успеале да формираат посебна здравствена установа за лица со психички растројства кои се лишени од слобода врз основа на принудно задолжително лекување. Ваквиот пропуст доведува до повреда на домашните законски обврски и укажува на структурен проблем.

Судот утврди дека албанското законодавство не предвидува право на надомест за незаконско притворање/задржување на лица во слична ситуација како и г. Стразимири. Ниту, пак, Владата доставила домашна судска пракса за да го докаже спротивното.

Судот сметаше дека според член 46 (задолжителност и извршување на пресудите), надлежните органи треба итно да му обезбедат на жалителот индивидуализирана терапија и да ја разгледаат можноста да го сместат во алтернативно опкружување, надвор од казнено-поправните установи. Судот, исто така, сметаше дека Албанија треба, што е можно поскоро, да преземе мерки за обезбедување на соодветни услови за живот и соодветна здравствена заштита на лицата со психички растројства кои биле подложени на лишување од слобода врз основа на судска наредба за задолжителна здравствена нега. Ваквите мерки треба да вклучуваат или обнова на постојните капацитети или создавање нови специјализирани установи чија цел би била да се излечи или унапреди психичкото здравје на притворените, да се намали опасноста од нив и да се олесни нивната реинтеграција во општеството. На крај, надлежните органи треба во таквите установи да вработат доволно квалификуван кадар од областа на психичкото здравје и да ја разгледаат, доколку е тоа можно, опцијата за амбулантско лекување.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права