25 Дек Децата родени преку сурогат мајчинство (гестациски носител) – пресуда на ЕСЧП по првото советодавно мислење од 10 април 2019 година
Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) во својата одлука во предметот Ц и Е. против Франција (жалба бр. 1462/18 и 17348/18) едногласно ги прогласи жалбите за недопуштени како очигледно неосновани.
Предметот се однесуваше на одбивањето на француските власти да ги внесат во француските матични книги на родени, венчани и умрени сите детали од изводите од матичните книги на родените за децата во странство преку сурогат мајчинство (гестациски носители) и зачнати со помош на сперматозоидите на наменетиот таткото и трета страна – донатор, иако во изводот од матичната книга на родените се посочува како наменета мајка мајката во правна смисла.
Жалбата бр. 1462/18 ја поднеле тројца француски државјани: г-дин и г-ѓа Ц., родени во 1963 и 1965 година, и дете родено во 2010 година. Детето било родено во февруари 2010 година во Соединетите Aмерикански Држави, а било зачнато со употреба на сперматозоидите на г-дин Ц. и трет донатор. Во изводот од матичната книга на родени, изготвен во октомври 2010 година на Флорида, била наведена г-ѓа Ц. како мајка и г-дин Ц. како татко.
Жалбата бр. 17348/18 ја поднеле пет француски државјани: г-дин и г-ѓа Е., родени во 1962 и 1969 година, и три деца родени во 2014 година. Трите деца се родени во февруари 2014 година во Гана, откако биле зачнати со употреба на сперматозоидите на г-дин Е. и трета страна – донатор. Во нивните изводи од матичната книга на родените, изготвени во Гана во мај 2014 година, се наведуваат г-ѓа Е. како мајка и г-дин Е. како татко. Г-дин и г-ѓа Е. побарале од француската амбасада во Гана да се внесат деталите од изводите од матичната книга на родените во регистарот.
Во врска со наводите на жалителите според член 8 од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“), ЕСЧП истакна дека на 10 април 2019 година било дадено советодавно мислење кое се однесувало на случаите на деца родени во странство како резултат на сурогат мајчинство (гестациски носител) и зачнати од сперматозоидите на наменетиот татко и трета страна- донатор и каде се препознава правниот однос помеѓу детето и наменетиот татко во домашното право. Во своето советодавно мислење од 10 април 2019 година, ЕСЧП прецизираше дека би требало, најдоцна во моментот кога, според проценката на околностите на секој случај поединечно, односот помеѓу детето и наменетата мајка ќе стане практична реалност, да постои ефективен механизам кој ќе овозможи за да се препознае тој однос.
Сепак, ЕСЧП сметаше дека во овој случај не би им претставувало претерано оптоварување на засегнатите деца да очекуваат жалителите да започнат процес на посвојување за таа цел. ЕСЧП особено истакна дека информациите дадени од Владата покажуваат дека просечното време на чекање за одлука за посвојување било само 4,1 месеци во случај на потполно посвојување и 4,7 месеци во случај на непотполно посвојување. Според тоа, ЕСЧП заклучи дека одбивањето на француските власти да внесат детали од странските изводи од матичните книги францускиот регистар (матични книги) не било непропорционално. Затоа, овој дел од жалбата беше прогласен за очигледно неоснован.
Што се однесува на член 14 (забрана на дискриминација) во врска со член 8 од Конвенцијата, ЕСЧП прецизираше дека единствената разлика помеѓу „другите деца родени во странство“ и „децата родени во странство преку сурогат мајчинство (гестациски носител)“ е тоа што овие на овие вторите не може да им се внесат сите детали од странскиот извод на родени и мора да се побара посвојување. Судот истакна дека од образложението на Владата било јасно дека оваа разлика во постапувањето во однос на начинот на воспоставување на правниот однос мајка – дете произлегува од фактот што овде бил вклучен и надзор од страна на судовите, а истата овозможила да се испита во конкретните околности на секој случај дали е во најдобриот интерес на детето родено преку сурогат мајчинство (гестациски носител) да се воспостави таков однос со наменетата мајка.
ЕСЧП, во своето советодавно мислење од 10 април 2019 година, посочи дека изборот како да се овозможи признавање на правниот однос меѓу детето и наменетите родители подлежи на полето на слободна проценка на државата и дека членот 8 не наметнува општа обврска на државите да го признаат односот помеѓу детето и наменета мајка од самиот почеток. Според тоа, разликата во постапувањето на кој се повикуваа жалителите била заснована на објективно и разумно оправдување. Затоа, овој дел од жалбата е, исто така, очигледно неоснован.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права