Дискриминаторски третман на правото на глас на изборите во Босна и Херцеговина

Во неодамнешниот предмет Ковачевиќ против Босна и Херцеговина (претставка бр. 43651/22, 29.8.2023 година), Европскиот суд за човекови права со шест гласа „за“ пресуди дека имало прекршувања на член 1 од Протоколот бр. 12 (општа забрана на дискриминација) од Европската конвенција за човекови права. Прекршувањата се однесуваат на неможноста на подносителот на претставката да гласа за кандидати по негов избор на парламентарни и претседателски избори на државно ниво.

Во заднината на предметот е Уставот на Босна и Херцеговина, кој го категоризира населението во „конститутивни народи“ (Бошњаци, Хрвати и Срби) и „Други и граѓани на Босна и Херцеговина“. Поделбата на моќта е очигледна во Домот на народите (вториот дом на државниот Парламент) и во Претседателството, каде застапеноста се одредува според етничката припадност, ограничувајќи го учеството на поединци кои не се поврзани со доминантните етнички групи.

Жалителот, граѓанин со живеалиште во Сараево, кое се наоѓа во Федерацијата, без припадност на некој „конститутивен народ“, тврдел дека неговиот избор при гласањето бил ограничен на изборите за Претседателството, во кои правото на учество им се дозволува само на кандидатите кои се изјасниле како Бошњаци и Хрвати. Дополнително, на поединци кои не се припадници или  поврзани со ниту еден „конститутивен народ“ им било забрането да гласаат за кандидати по нивен избор на законодавните избори.

Судот го призна историскиот контекст обликуван од последиците од бруталниот конфликт, поради што се сметало дека етничките прашања се неопходни за мир. Сепак, беше истакнато дека Домот на народите, кој во моментот има целосни законодавни овластувања, мора да ги претставува сите сегменти на општеството. Судот забележа дека „исклучувајќи одредени граѓани од оваа институција врз основа на нивната етничка припадност, сегашните аранжмани имаат воспоставено односи на повисок степен на релевантност на етничките аспекти и/или застапеноста одошто на политичките, економските, социјалните, филозофските и други аспекти и/или застапеност и на тој начин ги продлабочиле етничките поделби во земјата и го поткопале демократскиот карактер на изборите“.

Следствено, Европскиот суд за човекови права констатирал прекршување на член 1 од Протоколот бр. 12, со оглед на тоа што комбинацијата на територијални и етнички барања претставува дискриминаторски третман. Оваа повреда на наведениот член се прошири и на правото на учество на изборите за Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, како и на изборите за Претседателството на Босна и Херцеговина. Судот утврди дека нема потреба одвоено да се испитува допуштеноста или основаноста на членот 3 Протокол 1, сам или во врска со член 14.