Дискриминација врз основа на пол поради различна старосна граница за пензионирање

Во предметот Морару и Марин против Романија (жалби бр. 53282/18 и 31428/20, 20.12.2022 година) Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до повреда на член 1 од Протоколот бр. 12 (општа забрана на дискриминација) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на старосната граница за задолжителна пензија за жените – државни службеници во Романија, која претходно беше пониска од онаа за мажи. Врз основа на член 1 од Протоколот бр. 12 (општа забрана на дискриминација) од Конвенцијата, подносителите тврдеа дека принудувањето да се пензионираат во согласност со старосната граница за жени претставува дискриминација. Г-ѓа Марин, исто така, се повика на член 14 (забрана на дискриминација) во врска  со член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот).

Судот одлучи дека предметот ќе се разгледува само според член 1 од Протоколот бр. 12 од Конвенцијата. Во судската пракса на Судот доследно е утврдено дека разликите во старосната граница за пензионирање меѓу половите претставуваат разлика во третманот, како што тоа беше случај во времето на поднесување на овие жалби. Во однос на усогласеноста на таквата ситуација со Конвенцијата, Судот забележа дека ситуацијата била поврзана со аранжманите за социјално осигурување кои се на сила во државата. Тој забележа дека домашните судови не успеале да ги разгледаат релевантните аргументи кои произлегуваат од правото на Европската унија или судската пракса на Судот на правдата на Европската унија. Владата не дала аргументи во врска со финансиските или другите трошоци за општеството кои произлегуваат од ситауција во која на жените би им се дозволило да работат до 65 години. Всушност, оваа состојба во Романија подоцна беше поправена преку усвојување на законодавни акти и одлука на Уставниот суд (бр. 387/2018).

Со понатамошна одлука на Уставниот суд (бр. 112/2021) таа одредба се проширила и на државните службеници. Според тоа, Судот заклучи дека недавањето можност на подносителите на жалбата да продолжат да работат и по достигнувањето на старосната граница за пензионирање за жените се‘ додека не ја достигнат старосната граница за пензионирање на мажи, претставува дискриминација врз основа на пол, која не била објективно оправдана или неопходна. Со тоа, во овој предмет дошло до кршење на членот 1 од Протоколот бр.12 на Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права