26 Мар Европскиот суд на правдата го проширува азилот како заштита за жените кои се соочуваат со родово-засновано насилство
Преку историска одлука (C-621/21), Европскиот суд на правдата (ЕСП) го прошири азилот како заштита за жените кои се соочуваат со родово-засновано насилство, со тоа потврдувајќи дека жените може да бидат признати како припадници на општествена група со право на азил. Пресудата беше донесена како одговор по предметот на една Турчинка со курдско потекло која побарала засолниште во Бугарија, откако претходно доживеала закани, тепања и принуден брак во нејзината родна земја. Одлуката на Судот наиде на одобрување од различни невладини организации, што е знак за клучен исчекор во насока на препознавањето на уникатните предизвици со коишто се соочуваат жените кои бегаат од домашното и половото насилство.
ЕСП, којшто е со седиште во Луксембург, појасни дека статусот на бегалец може да им се додели на лица кои се прогонувани поради нивната раса, вероисповед, националност, политичко мислење или припадност кон одредена општествена група. Она што е важно е дека судот се произнесе дека „жените, како целина, може да се сметаат за припадници на општествена група“, а статус на бегалец може да им се додели, доколку во нивната земја на потекло се соочуваат со физичко или психичко насилство, вклучително и полово и семејно насилство. Судот нагласи дека доколку не се исполнети условите за доделување целосен статус на бегалец, жените, сепак, би можеле да се квалификуваат за статус на лице под супсидијарна заштита. Ова особено важи во случај на постоење реален ризик да бидат убиени или подложени на насилство, особено од членови на семејството или заедницата, поради наводни застранувања од културните, верските или традиционалните норми.
Иако на пресудата се гледа како на позитивен развој на настаните, се искажа загриженост во врска со нејзиното влијание во практиката. Најразлични женски организации ја истакнаа потребата од конкретна рамка, којашто ќе опфаќа безбедно сместување и пристап до специјализирани советодавни центри, со цел жените да може ефективно да аплицираат за азил и да ги претстават своите случаи.
ЕСП ја препозна важноста на Истанбулската конвенција, којашто беше ратификувана од ЕУ во јуни 2023 година. Договорот има за цел да го спречи насилството и да ги заштити жртвите и истиот е обврзувачки за неговите потписници, вклучително и за земјите членки на ЕУ. Имено, некои земји од ЕУ, како Бугарија, Чешка, Унгарија, Литванија и Словачка, допрва треба да ја ратификуваат Конвенцијата, што поттикна апели да ја усвојат побрзо, како поддршка за пресудата на ЕСП.
Одлуката на ЕСП претставува клучен чекор кон препознавањето на конкретните предизвици со коишто се соочуваат жените азиланти кои бегаат од родово-заснованото насилство. Додека земјите членки на ЕУ се обидуваат да се снајдат околу спроведувањето на оваа пресуда, од најголемо значење е да се стави акцент врз начелата на Истанбулската конвенција, со што ќе се подвлече заложбата на ЕУ за искоренување на насилството врз жените.