Жртви на семејно насилство во Северна Македонија

Бројот на извештаи за случаи на семејно насилство расте од година во година – а, сепак, премногу жени жртви остануваат сами во својата борба, во систем кој не успева да ги заштити.

„Кога го пријавив мојот насилен сопруг, наместо да добијам помош, добив насмевка и објаснување дека семејното насилство е проблем што треба да си го решам дома, со сопругот.“ Ова е одговорот што една жена го добила откако собрала храброст да го пријави партнерот кој ја тепал со години.

Слични негативни чувства за институциите што треба да ги заштитат споделија и другите испитаници на прашалникот „Системски (не)одговор на семејно насилство“. Наместо да бидат нивни сојузници, тие рекле дека институциите се соучесници во насилството што го претрпеле.

Речиси половина од жртвите изјавиле дека го пријавиле претрпеното насилство во полиција. Од 27 жени кои ги споделија своите искуства во прашалникот, 44 отсто рекле дека упатствата што ги добиле од надлежните институции по пријавувањето биле нејасни. Поголем процент од испитаниците, над 56 отсто, се пожалиле од Центрите за социјална работа. Триесет проценти се пожалиле од непрофесионалноста на полицијата. 

Искуството на оваа жена ја истакнува нефункционалноста на системот во Северна Македонија и неговата неспособност да се справи со семејното насилство. Жените се чувствуваат сами и деморализирани поради бавноста и несоодветните реакции на жалбите. „Кога се чека предолго институциите да го решат проблемот, случаите често може да завршат со убиство, а некои дури и со самоубиство на жртвата“, вели еден од нашите испитаници. Анализата на прашалникот покажува дека жртвите сакаат поемпатичен однос и комуникација со институциите кога ќе пријават насилство. Тие не сакаат жените да бидат жртви на дополнителни предрасуди и осуди. Тие нагласуваат дека по секоја цена треба да се избегнува охрабрувањето на жртвите да се вратат кај своите насилници.

Не сите случаи на семејно насилство завршуваат на суд. Впрочем, многу жртви се откажуваат на половина пат. Демотивирачки се и казните што им се определуваат на сторителите. „Од сите предмети, 64 отсто завршиле со условна казна, 25 отсто со затворска казна, а 11 отсто биле отфрлени… Оваа ситуација укажува на многу поблага казнена политика во споредба со просечните казни кои се даваат во обичните кривични случаи“, вели коалицијата „Сите за правично судење“.

Повеќето жртви на семејно насилство живеат во урбани средини (околу 80 проценти) и правдата ја бараат на суд. Останатите живеат во рурални средини. Но, речиси половина од жртвите на семејно насилство (46 отсто) кои се согласиле да го гонат сторителот подоцна се откажале од тоа; 40 проценти од случаите завршиле со признавање на вината од страна на самиот сторител.

Според статистиката на најголемиот суд во земјата, Кривичниот суд во Скопје, на сторителите на семејно насилство најчесто им се изрекуваат условни казни. Во 2022 г., Судот донел 81 правосилна пресуда во сите предмети на семејно насилство. Од нив, 19 обвинети добиле затворска казна, 33 добиле условна казна, осум добиле условна казна со заштитен надзор и само еден добил задолжително психијатриско лекување. Шест од 81 обвинение биле отфрлени или одбиени. Постапката била целосно запрена за 14 обвинети. Во 2021 г., 91 предмет станале правосилни. Од нив, 12 обвинети биле осудени на затворска казна, 51 добиле условна казна, седум биле осудени на условна казна со заштитен надзор и двајца поминале само со парична казна. Два предмета биле запрени бидејќи тужителот се повлекол, две пријави биле целосно отфрлени, додека постапката била запрена и за 15 обвинети. 

Преземено од официјалниот веб-сајт на Балкан Инсајт