Извештај на ГРЕТА за третата рунда на евалуација на Северна Македонија

Во својот извештај за третата рунда на евалуација објавен на 24.03.2023 година, Тимот на експерти за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА) го поздравува напредокот на Северна Македонија во поглед на развојот на законодавната рамка за борба против трговијата со луѓе, но повикува на нејзино подобро спроведување во однос на пристап на жртвите до правда и ефективни правни лекови.

Врз основа на посетата на ГРЕТА на земјата во март минатата година и информациите обезбедени од властите и граѓанското општество, извештајот наведува дека бројот на формално идентификувани жртви е мал (помеѓу две и девет годишно, освен во 2021 година кога беа идентификувани 39 жртви од Тајван), а појавата се карактеризира со премин кон трудовата експлоатација како доминантна форма на експлоатација.

Подобрувањата на законодавната рамка го вклучуваат Законот за странци од 2018 година, кој предвидува период на заздравување и размислување и обновливи дозволи за престој за жртвите на трговија со луѓе врз основа на нивната лична ситуација. Во Кривичниот законик беше вклучена конкретна одредба за неказнување на жртвите на трговија со луѓе. Понатаму, во ноември 2022 година беше донесен Законот за исплата на паричен надоместок на жртвите на насилни кривични дела, со кој се воведува државен надоместок за жртвите на трговија со луѓе. Назначувањето на Канцеларијата на Народниот правобранител за Национален известувач за борбата против трговијата со луѓе е поздравено и од ГРЕТА.

ГРЕТА смета дека одредбите за правна помош на жртвите на трговија со луѓе не се јасни и забележува недостатоци во нивната примена. Ги повикува властите да обезбедат јасна основа за давање правна помош штом се јават разумни основи да се верува дека некое лице е жртва на трговија со луѓе.

Понатаму, ГРЕТА смета дека жртвите треба да имаат ефективен пристап до пазарот на трудот и дека треба да им се обезбеди стручна обука и вработување, за да се зајакне нивната социјална и економска вклученост.

И покрај тоа што го поздравува формирањето на Национална единица за борба против трговија со луѓе и криумчарење мигранти и зголемувањето на бројот на пресуди во споредба со претходниот период на оценување, ГРЕТА напоменува дека, во повеќето случаи, казните биле далеку под законскиот минимум.

Тимот на експерти за борба против трговија со луѓе на Советот на Европа ги повикува властите да ги зајакнат човечките, финансиските и техничките капацитети на органите за спроведување на законот, за да им овозможат проактивно да ги истражат престапите поврзани со трговија со луѓе, користејќи ги сите можни докази, вклучително и доказите собрани преку посебни истражни мерки, како и финансиски и дигитални докази.

Испитувајќи го спроведувањето на претходните препораки на ГРЕТА, извештајот ја поздравува обезбедената обука за трудовите инспектори, но ги повикува властите да го разјаснат мандатот на Трудовиот инспекторат и да му обезбедат соодветни човечки и финансиски ресурси.

ГРЕТА е, исто така, загрижена поради континуираното отсуство на безбедно сместување за машките жртви на трговија со луѓе и недостатокот на соодветно сместување за децата-жртви. Затоа, ГРЕТА ги повикува властите да обезбедат соодветни финансиски и човечки ресурси за помош на жртвите на трговија со луѓе, вклучително и од страна на пецијализирани невладини организации кои имаат мандат да пружат помош, како и да обезбедат гарантирање на ефективен пристап до јавната здравствена заштита за сите жртви на трговија со луѓе.

Извештајот може да се најде на: https://rm.coe.int/greta-evaluation-report-on-north-macedonia-third-evaluation-round/1680aaa573 

Преземено од официјалната веб-сајтот на Советот на Европа