Извештај на Групата на експерти за борба против трговијата со луѓе (ГРЕТА) за Црна Гора 2021 година

Во новиот извештај за Црна Гора, објавен на 02.06.2021 година, Групата на експерти за борба против трговија со луѓе (ГРЕТА) на Советот на Европа ги повикува властите да го подобрат пристапот на жртвите на трговија со луѓе до правдата и надоместот на штета и да обезбедат казнување на сторителите.

ГРЕТА потврди дека е постигнат напредок во некои области од објавувањето на вториот евалуациски извештај на ГРЕТА за Црна Гора во септември 2016 година, како што се усвојувањето на стандардни оперативни процедури за идентификација на жртвите на трговија со луѓе и формирањето на  мултидисциплинарен тим за идентификација. Понатаму, со цел да се унапредат истрагите и гонењето на случаите на трговија со луѓе, властите формираа оперативен тим за борба против трговија со луѓе.

Во исто време, ГРЕТА ги повикува властите да преземат понатамошни чекори за да се гарантира пристапот до правдата за жртвите на трговија со луѓе, како и да се гарантира дека адвокатите кои им обезбедуваат правна помош на жртвите на трговија со луѓе ќе ја поминат потребната обука и специјализација. Црногорските власти треба да преземат чекори за да гарантираат дека при спроведувањето на постапките за истрага, гонење и судење во предметите на трговија со луѓе ќе се обрати посебно внимание на децата, вклучувајќи и мерки за да се обезбедат низ целата земја доволен број простории за водење разговор кои ќе бидат приспособени на потребите на децата.

Во извештајот се забележува дека ниту една од жртвите на трговија со луѓе кои поднеле кривични тужби не добила надомест од сторителите и дека немало предмети на трговија со луѓе во кои имотот на обвинетиот бил запленет или одземен. ГРЕТА ги повикува властите да вложат конкретни напори за да гарантираат ефективен пристап до надомест за жртвите на трговија со луѓе. Ова може да се постигне и доколку на сила стапи, без натамошно одлагање, Законот за надомест на штета на жртвите на насилни злосторства, кој ќе им овозможи на жртвите на трговија со луѓе да бараат обештетување од државата.

Ефективни правосилни казни изречени се во два предмети на трговија со луѓе од 2014 година. ГРЕТА нагласува дека преквалификувањето на кривичното дело трговија со луѓе во други дела за кои се предвидени поблаги казни, како и неуспехот да се осудат трговците со луѓе предизвикува чувство на неказнивост и ги поткопува напорите за поддршка на жртвите да сведочат. ГРЕТА ги повикува властите да преземат мерки за зајакнување на кривично-правниот одговор на трговијата со луѓе и да ги охрабрат обвинителите и судиите да се специјализираат за работа на предмети на трговија со луѓе.

Црна Гора е земја на потекло, дестинација и транзит на трговија со луѓе. До крајот на 2019 година, бројот на идентификувани жртви, претежно жени и деца од Црна Гора, беше низок. Од ноември 2019 година, по откривањето на случај од голем опсег со жртви од Тајван, бројот на идентификувани жртви се зголеми, достигнувајќи 52 до крајот на 2020 година. Податоците за 2020 година укажуваат не само на значајно зголемување на бројот на идентификувани жртви, но и на промена кон повеќе машки жртви, пред сè заради трудова експлоатација.

Овде можете да го најдете извештајот: https://rm.coe.int/evaluation-report-on-the-implementation-of-the-conscil-of-europe-conve/1680a2aefc

Преземено од официјалниот веб-сајт на Советот на Европа