Непристрасност на судија во две поврзани постапки

Во предметот Александру Маријан Јанку против Романија (жалба бр. 60858/15, 04.02.2020), Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека не дошло до повреда на член 6, став 1 (право на правично судење) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на тврдењето на жалителот дека судијата кој му изрекол осудителна пресуда во две поврзани постапки не може да биде непристрасен. Жалителот, Александру-Маријан Јанку, е романски државјанин, кој во моментот се наоѓа во затворот Рахова (Романија), по добивањето на осудителна пресуда за разни дела од областа на финансискиот криминал во 2014 и 2015 година. Против г-дин Јанку се воделе две кривични постапки во врска со кривични дела од областа на финансискиот криминал кој наводно ги извршил во периодот меѓу 2000 и 2003 година во својство на управител или директор на неколку приватни трговски друштва. Тој бил осуден и во двете постапки од страна на судски совет од двајца судии. Еден од судиите, М.А.М, бил и во двата судски совети.

За време на жалбената постапка во вториот предмет против г. Јанку, судијата М.А.М. се обидел да се изземе за да се отстранат сите сомневања во врска со неговиот можен недостаток на непристрасност. Неговото барање било одбиено од страна на судски совет од двајца судии кои сметале дека самиот факт што тој судел во претходниот предмет не може да покрене основано сомнение за неговата непристрасност и дека нема доказ  дека, во првиот предмет, тој изразил мислење во врска со вината на обвинетите на кои во моментот им се судело. Биле изнесени и други сомневања во врска со непристрасноста на судијата М.А.М., но истите биле одбиени.

Судот повтори дека членот 6 став 1 наложува судот да биде непристрасен и дека постои објективен и субјективен тест за да процени дали е тоа случај. Што се однесува до субјективниот тест, Судот не беше убеден дека судијата М.А.М. покажал било каква лична пристрасност против г-дин Јанку во втората постапка. Ниту, пак, Судот сметаше дека имало објективни причини за загриженоста на г. Јанку во врска со непристрасноста на судијата. Судијата се обидел да се изземе од предметот, главно како мерка на претпазливост, а не заради некакво суштинско сомневање во неговата непристрасност. Неговото барање било одбиено со образложена одлука. И покрај тоа што другата судика која учествувала во првата постапка заедно со судијата М.А.М. била дисквалификувана од судење во втората постапка, таквата одлука се засновала на повеќе причини, вклучително и на нејзиното однесување бидејќи за време на жалбената постапка таа изразила мислење за вториот предмет . Од друга страна, покрај наводната сличност помеѓу двете постапки, однесувањето на судијата М.А.М. не можело објективно ги оправда сомневањата на г-дин Ианку во  неговата непристрасност. Затоа овде не дошло до повреда на член 6, став 1.

Преземено од Европскиот суд за човекови права