Неуспех на државата да заштити малолетен притвореник со ментална попреченост

Во предметот И.Е. против Република Молдавија (жалба бр. 45422/13, 26.05.2020) Европскиот суд за човекови права утврди повреда на член 3 (забрана на тортура) и повреда на член 5, став 1 (право на слобода и безбедност) од Европската конвенција за човекови права. Предметот се однесуваше на притворањето на малолетник со ментална попреченост во затворска ќелија со притвореници обвинети за тешки кривични дела, вклучително и силување.

Жалителот, г-дин И.Е., е молдавски државјанин, роден во 1995 година. Тој бил притворен во Кишинев. Г-дин И.Е., кој во тоа време имал 17 години, бил уапсен на 13 август 2012 година под сомнение за убиство и кражба од жртвата пред да го запали нејзиниот автомобил за да ги уништи доказите.

Судијата му одредил притвор од 30 дена во очекување на судењето со образложение дека постои опасност да го повтори делото и да ја попречува истрагата. За време на притворот, жалителот бил сместен во ќелија со четири затвореници кои биле осудени со првостепена одлука за тешки кривични дела, како што се убиство и сексуално насилство, додека друг бил осуден со правосилна судска одлука за силување на малолетно лице. На 9 октомври 2012 година, затворскиот персонал забележал дека жалителот куца и има повреда под веѓата. Тој бил прегледан од затворскиот лекар кој ги потврдил повредите. Го прегледал лекар повторно една недела подоцна и констатирал нови повреди. Жалителот признал дека бил тешко претепан и анално силуван од страна на петмината затвореници со кои ја делел ќелијата. Тој поднел службена жалба на 19 октомври 2012 година.

За време на истрагата, жалителот бил дијагностициран како лице со блага ментална ретардација. Сепак, оваа постапка сè уште се водела пред првостепениот суд, барем до мај 2017 година, од кога и датираат најновите достапни информации за овој предмет.

Судот заклучи дека сместувањето на жалителот во ќелија со лица кои биле веќе осудени за многу сериозни, насилни кривични дела, неговата посебна ранливост како малолетник и како лице со ментална попреченост, и недоволната реакција на надлежните на јасните и медицински потврдените индиции дека со него било лошо постапувано, севкупно придонеле за создавање услови во кои тој бил изложен на сериозен ризик од  лошо постапување од страна на лицата со кои ја делел ќелијата. Оттука, надлежните органи не ја исполниле својата позитивна обврска да го заштитат жалителот од лошо постапување додека тој бил под нивна целосна контрола во притвор. Покрај тоа, Судот сметаше дека начинот на кој била истражена злоупотребата на жалителот во притвор, вклучувајќи ги и одложувањата поради тоа што надлежните органи не го испитале клучниот вештак во соодветното време и нивното нереагирање на јасните знаци на лошо постапување со жалителот (дури и пред тој да поднесе формална жалба) – заедно со долгиот период  во кој не била донесена ниту една пресуда – водат кон заклучокот дека надлежните органи не ја исполниле својата позитивна обврска да спроведат ефективна истрага. Затоа, Судот утврди дека дошло до повреда на член 3 од Конвенцијата.

Осврнувајќи се на околностите во овој предмет, Судот напомена дека членот 186 § 4 од Кривичниот законик експлицитно забранува држење на малолетно лице во притвор во очекување на судењето подолго од четири месеци. Владата тврдеше дека оваа одредба не забранува одделни четиримесечен периоди на притвор за одделни дела. Судот нема причина да се сомнева дека таквото толкување е во согласност (и по слово и по дух) со член 186 § 4 од Кривичниот законик. Како и да е, времето за започнување на двете нови истраги, што се совпаднало со крајот на максималното времетраење на притворот во рамките на првичната истрага, е дополнителен елемент кој оди во прилог на тврдењето на жалителот дека надлежните власти имале лоша намера. Всушност, отворањето на двете нови истраги во последните денови од времето кое жалителот го поминал во притвор овозможило ново-изречениот притвор да трае, повторно, колку што било законски максимално дозволено – т.е. уште четири месеци.

Судот сметаше дека таквото вештачко раздвојување на обвиненијата со очигледна цел да се продолжи времетраењето на притворот на жалителот (што инаку би било незаконски) претставува елемент на злоупотреба од страна на надлежните органи. Како таков, притворот кој му бил изречен на жалителот во врска со новоотворената кривична постапка по 9 декември 2012 година бил произволен, во смисла на член 5 § 1 од Конвенцијата. Според тоа, постои повреда на оваа одредба во конкретниот случај.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права