02 Мар Одбивањето на властите да го заменат терминот „маж“ со терминот „лице со неутрален пол“ или „интерсексуално/интерполово лице“ на изводот од Матичната книга на родените во согласност со членот 8 од Конвенцијата
Во предметот Y против Франција (жалба бр. 76888/17, 31.01.2023) Европскиот суд за човекови права, со шест гласа „за“ и еден „против“ оцени дека не дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права.
Подносителот, кој е биолошки интерсексуално лице, се жали на одбивањето на домашните судови да го одобрат неговото барање да се внесе зборот „неутрален“ или „интерсекс“ на неговиот извод од Матичната книга на родените наместо „лице од машки пол“.
При разгледувањето на овој предмет низ призмата на позитивната обврска на тужената држава да му обезбеди на подносителот на жалбата делотворно почитување на неговиот приватен живот, Судот одлучуваше дали општиот интерес бил соодветно избалансиран со интересите на подносителот на жалбата.
Судот прво забележа дека суштинскиот аспект на индивидуалниот интимен идентитет е клучен во овој случај, со оглед на тоа што во него станува збор за родовиот идентитет, и призна дека несовпаѓањето помеѓу биолошкиот идентитет и правниот идентитет на жалителот може да предизвика негово страдање и анксиозност. Судот потоа утврди дека аргументите што ги изнесоа националните власти при одбивањето на барањето на жалителот, а кои беа засновани на почитувањето на принципот на неотуѓивост на граѓанскиот статус и потребата да се зачува доследноста и веродостојноста на матичната евиденција за граѓанскиот статус, како и на општествените и правните аранжмани во Франција, беа релевантни. Тој, исто така, го зеде предвид образложението на Касациониот суд дека судското признавање на „неутрален“ пол би имало далекусежни последици за правилата на кои почива француското право, кое се заснова на два рода, а би подразбирало и повеќекратни законски измени за да се постигне усогласеност.
Откако забележа дека Апелациониот суд во Орлеан одлучил дека прифаќањето на барањето на подносителот би значело признавање на постоењето на друга родова категорија и оттаму, извршување на нормативна функција, која начелно е задача на законодавната, а не на судската власт, Судот укажа дека почитувањето на начелото на поделба на власта, без кое не постои демократија, било во сржта на резонирањето на домашните судови. Признавајќи дека иако подносителот изјавил дека не бара воведување на општо право на признавање на трет род, туку само исправка на неговиот граѓански статус, Судот забележа дека доколку се уважи неговото барање, тоа нужно би значело дека од државата би се барало да го измени своето национално законодавство со цел да ги исполни своите обврски според член 46 од Конвенцијата. Оттаму, Судот сметаше дека во овој контекст нејзината воздржаност била оправдана.
Кога станува збор за прашањата на општата политика во однос на кои мислењата во едно демократско општество би можеле разумно и во голема мера да се разликуваат, мораше да се даде посебна тежина на улогата на креаторот на домашната политика. Ова беше особено случај кога, како во конкретниот случај, за конкретното прашање општеството ќе треба да направи избор. Во отсуство на европски консензус во оваа област, треба да се остави на тужената држава да одреди со која брзина и до кој степен би можела да ги исполни барањата на интерсексуалните лица, како што е подносителот на оваа жалба. Судот заклучи дека, имајќи го предвид полето на слободна проценка кое што го ужива тужената држава, Франција не пропуштила во исполнувањето на својата позитивна обврска да обезбеди делотворно почитување на приватниот живот на подносителот. Оттаму, може да се заклучи дека не дошло до повреда на членот 8 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права