Оправдано отпуштање на свиркач

Во предметот Гавлик против Лихтенштајн (жалба бр. 23922/19, 16.02.2021) Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека не дошло до повреда на членот 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на лекар кој изразил сомнеж дека во неговата болница се прави еутаназија. Тој поднел жалба до Канцеларијата на Јавниот обвинител  (не поминал низ системот за жалби во болницата прво). Полицијата презела неколку истражни дејствија. Медиумите покажале голем интерес за случајот. Жалителот бил суспендиран на 26 септември 2014 година. На 17 октомври 2014 година тој бил отпуштен без претходна најава заради тоа што не го искористил прво интерниот систем на жалби во болницата.

Судот повтори дека мешањето во слободата на изразување, меѓу другото, мора да биде „неопходно во едно демократско општество“ и пропорционално со легитимната цел што се сака да се постигне. Судот се согласи со домашните судови дека жалителот требало подобро да ги провери информациите, имајќи ја предвид сериозноста на наводите, со вкрстена проверка со медицинската евиденција која се чувала физички во базата.

Судот не донесе одлука за тоа дали жалителот бил должен прво да ги изрази своите сомнежи во институцијата во која работел, но утврдил дека информациите што тој ги открил биле од значителен јавен интерес. Судот ја забележа сериозноста на отпуштањето на жалителот, сметајќи дека тоа сигурно имало застрашувачки ефект. Судот нагласи дека мотивите на жалителот не биле погрешни. Но, отпуштањето на жалителот било оправдано, особено со оглед на влијанието на неговите постапки врз угледот на болницата и останатите членови на персоналот.

Судот заклучи дека мешањето во правата на жалителот било пропорционално. Според тоа, во овој предмет не дошло до повреда на членот 10 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права