Паричната казна заради изречен виц пред суд претставувала прекршување на слободата на изразување на адвокатот

Во предметот Симиќ против Босна и Херцеговина (жалба бр. 39764/20, 17.05.2022 година) Европскиот суд за човекови права едногласно оцени дека дошло до повреда на Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на виц кој подносителот на жалбата, адвокат, го кажал пред судот за да ја илустрира својата критика на сметка на постапката во која тој застапувал свој клиент. Вицот се однесувал на професор кој очекувал неговите студенти да го дадат не само бројот, туку и имињата на жртвите на бомбардирањето на Хирошима, а жалителот го споредил начинот на кој второстепениот суд се однесувал кон него со начинот на кој тие студенти биле третирани од нивниот професор. Заради таквото изразување, тој бил парично казнет за непочитување на судот.

Судот забележа дека критичното обраќање, кое домашните судови го сметале за навредливо, било изречено од г-дин Симиќ во контекст на судската постапка каде што тој ги бранел правата на неговиот клиент. Тој со таквото обраќање настапил во судницата, а не во медиумите, што значи дека пошироката јавност не била запознаена со истото. Покрај тоа, Судот не утврдил дека обраќањето на г-дин Симиќ претставувало безобзирен личен напад со единствена намера да се навредат вработените во судот. Тие биле насочени кон начинот на кој второстепениот суд ги применил правилата за докажување во предметот на неговиот клиент. Иако беше точно дека тонот на изреченото бил зајадлив, па дури и саркастичен, употребата на таков тон при обраќање кон судиите веќе се сметало дека е во согласност со начелото на слобода на говор.

Иако Судот се согласи дека е важно адвокатите да се однесуваат на дискретен, чесен и достоинствен начин со цел јавноста да има доверба во оние кои се одговорни за спроведувањето на правдата, тој исто така зеде предвид дека тие треба да бидат способни да ги застапуваат своите клиенти на делотворен начин.

Тој сметаше дека домашните судови пропуштиле да му дадат доволна тежина на контекстот во кој адвокатот настапил со такво обраќање и не дале релевантни и доволни причини за оправдување на казната. Утврдувајќи дека домашните судови не ги засновале своите одлуки на прифатлива проценка на релевантните факти, Судот заклучил дека мешањето во правото на слободата на изразување на жалителот не било „неопходно во едно демократско општество“. Според тоа, во овој предмет дошло до повреда на членот 10 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права