Патните трошоци на адвокатот кој имал канцеларија надвор од седиштето на судот се непотребни трошоци

Во предметот на Фајковиќ и други против Босна и Херцеговина (жалба бр. 38868/17, 11.02.2020), Европскиот суд за човекови права ја прогласи жалбата за недопуштена.

Предметот се однесуваше на побарувањата на жалителите за патни трошоци на адвокатите во различни граѓански постапки. Во тие постапки тие ги назначиле истите адвокати. Бидејќи канцелариите на нивните адвокати биле надвор од седиштата на судовите, жалителите морале да платат, согласно тарифата утврдена од локалните адвокатски комори, значителни суми за нивните патни трошоци. Во сите случаи, и покрај фактот што жалителите победиле, граѓанските судови ги отфрлиле како непотребни нивните побарувања за надомест на патните трошоци од страна на странките кои ги загубиле парниците.

Жалителите доставиле две одлуки на Уставниот суд во кои биле утврдени повреди на член 6 од Европската конвенција за човекови права во слични случаи (AP-3310/14 од 27 октомври 2015 година и AP-4616/15 од 27 февруари 2018 година). Покрај тоа, жалителите доставиле три пресуди донесени во граѓански предмети во кои, за разлика од овие случаи, на губитничката страна навистина било наредено да ги покрие патните трошоци на адвокатот на страната која ја добила парницата чија канцеларија била надвор од седиштето на судот (18 0 P 017598 14 Rev од 5 јануари 2016 година и 65 0 Rs 237688 14 Rsž и 65 0 Rs 237716 14 Rsž и едниот и другиот од 18 октомври 2018 година).

Судот утврди дека граѓанските судови сметале дека тие имаат право да ú наложат на страната што ја изгубила парницата да надомести не повеќе од потребните трошоци на страната која ја добила парницата и ги отфрли како непотребни побарувањата на жалителите за надомест на патните трошоци на нивните адвокати. Уставниот суд ги потврдил одлуките на граѓанските судови.

Европскиот суд за човекови права истакна дека е свесен дека Уставниот суд ги сметал налозите за покривање трошоци на националните судови во овие два слични предмети за произволни. Еден од нив се однесувал на граѓанска постапка пред Општинскиот суд во Бихаќ која ја повел судија на истиот суд. Бидејќи адвокатите од Бихаќ редовно ги претставувале странките во постапките во кои тој постапувал како судија, жалителот назначил адвокат од друг град за да го застапува.

Граѓанските судови сметале дека жалителот можел да назначи адвокат од Бихаќ и, според тоа, го отфрлиле како непотребно неговото барање за покривање на патните трошоци на неговиот адвокат од страната што ја изгубила парницата. Земајќи ги предвид исклучителните околности во тој предмет, Уставниот суд сметал дека одлуката за која станува збор е произволна. Во другиот предмет, во кој жалителот имал адвокат чија канцеларија била надвор од седиштето на судот, граѓанските судови ú наредиле на страната што ја загубила парницата да ги покрие патните трошоци на адвокатот на жалителот за еден дел од постапката, но го отфрлиле како непотребно, без добра причина, неговото барање за надомест на патните трошоци на неговиот адвокат во однос на остатокот од постапката. Уставниот суд сметал, исто така, дека и таа одлука е произволна. За разлика од овие предмети, Уставниот суд не утврдил вакви исклучителни околности во конкретните предмети за кои станува збор овде, и затоа ги потврдил налозите за оспорените трошоци. Судот не утврди никаква причина зошто не би се согласил со наодите на Уставниот суд.

И покрај тоа што жалителите укажале на одредени разлики во одлуките на домашните судови, Судот имајќи го предвид релевантното домашно право и судска пракса, како и фактот дека домашните судови во конкретните предмети дале доволно аргументи со кои ги поткрепиле своите одлуки, Судот утврди дека одлуките со кои се отфрла побарувањето за надомест на патните трошоци не биле произволни.

Судот, исто така, утврди дека побарувањата на жалителите за покривање на патните трошоци на нивните адвокати немаат доволна основа во домашното право, и затоа, не може да се квалификуваат како „имот/сопственост“ во смисла на член 1 од Протоколот бр. 1 од Конвенцијата, поради што нивните побарувања во овој дел се ratione materiae некомпатибилни со одредбите на Конвенцијата. Според тоа, Судот одлучи дека жалбата е очигледно неоснована и мора да биде отфрлена во согласност со член 35 §§ 3 (а) и 4 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права