Постапката што резултирала со разрешување на обвинителот во Албанија треба да се врати на повторно судење

Во предметот Бесник Цани против Албанија (претставка бр. 37474/20, 4.10.2022 година) Европскиот суд за човекови права едногласно оцени дека дошшло до повреда на член 6 став 1 (право на правично судење) на Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесувал на поранешен обвинител, кој бил разрешен во 2020 година како дел од исклучителна постапка на повторна евалуација на сите активни судии и обвинители, познат како постапка на ветинг, по реформата на правосудниот систем во Албанија и неговите сомнежи за еден од судиите назначен да го води неговиот предмет.

Подносителот на претставката тврдел дека односниот судија требало да биде дисквалификуван затоа што претходно бил разрешен како судија на окружен суд, што значи дека бил назначен во Специјалниот апелационен совет (САС), кој го испитувал неговиот случај, прекршувајќи ги на тој начин правилата за подобност.

Владата го оспори тој аргумент, тврдејќи дека властите, т.е. Собранието. не може да се критикуваат за назначувањето на Л.Д. во САС, бидејќи не знаеле за неговото претходно разрешување. Судот, од друга страна, утврди дека од самите домашните власти зависи дали ќе ги искористат сите достапни средства, вклучително и проверка на жалбата на Л.Д., за да се осигури дека судиите назначени во САС ги исполниле законските услови за таа функција. Таква проверка немало да биде тешка: разрешувањето на Л.Д. било службено евидентирано, а член на ад хок собраниската комисија дури и конкретно го прашал судијата за време на неговото интервју за САС дали бил разрешен или поднесол оставка како судија на окружниот суд во 1997 година.

Според тоа, Судот утврди дека подносителот на претставката изнел сериозно и аргументирано барање на очигледно прекршување на домашното право при назначувањето на Л.Д. во САС. Понатаму, Судот смета дека прашањето дали Л.Д. бил способен за функцијата се однесувало на основното правило во однос на назначувањето судија. Згора на тоа, ниту еден домашен орган не го ни испитал, ниту го решил прашањето на тоа дали Л.Д. бил назначен во САС во согласност со домашното право. Л.Д. бил фактички разрешен затоа што бил осуден за кривични дела, но до тоа дошло дури откако подносителот на претставката бил разрешен со правосилна и необжалива пресуда на САС. Судот заклучи дека дошло до повреда на правото на г-дин Цани на „суд воспоставен врз основа на закон“ по член 6 став 1, поради тоа што Л.Д учествувал во испитувањето на неговиот предмет.

Со оглед на тој заклучок, Судот, со 6 гласа, исто така утврди според член 46 (обврзувачка полноважност и спроведување) дека најсоодветната отштета за повредата на правата на жалителот би била повторно отворање и преиспитување на предметот во согласност со барањата од член 6 став 1 од Конвенцијата. Меѓутоа, не може да се смета дека утврдувањето повреда само по себе наложува потреба од повторно отворање на сите слични случаи кои во меѓувреме станале res judicata според домашното право.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права