Правните лекови за притворените мигранти не биле во согласност со Конвенцијата

Во предметот Каак и други против Грција (жалба бр. 34215/16 од 3.10.2019 година), Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека:

  • не дошло до повреда на член 3 (забрана за нечовечко и понижувачко постапување) од Европската конвенција за човекови права;
  • не дошло до повреда на член 5, став 1 (право на слобода и безбедност), и
  • дошло до повреда на член 5, став 4 (право на итно донесување на одлука за законитоста на притворот)

Предметот се однесуваше на притворските услови на сириските, авганистанските и палестинските државјани во „жариштата“ во Виал и Соуда (Грција), како и на законитоста на нивниот притвор во овие кампови. Жалителите, 49 возрасни лица, тинејџери и деца од сириска, авганистанска и палестинска етничка припадност, нелегално влегле во Грција на брод на островот Хиос во периодот помеѓу 20 март и 15 април 2016 година.

ЕСЧП сметаше дека властите сториле сé што од нив може разумно да се очекува во кампот Виал да ја исполнат својата обврска да обезбедат грижа и заштита на малолетните лица без придружба. Другите жалители биле префрлени веднаш – или во рок од десет дена – од кампот Виал во кампот Соуда.

ЕСЧП, исто така, заклучи дека условите на притвор во кампот Соуда не претставуваат нечовечно или понижувачко постапување. ЕСЧП го повтори својот претходниот наод дека едномесечниот притвор во кампот Виал не може да се смета за прекумерен со оглед на потребното време за завршување на релевантните административни формалности.

Покрај тоа, должината на притворот на жалителите откако тие изразиле желба да побараат азил била релативно кратка. Спротивно на тоа, жалителите, кои немале правна помош, не биле во можност да ја разберат содржината на информативната брошура; поконкретно, тие не биле во можност да го разберат материјалот што се однесувал на различните достапни правни лекови според домашното законодавство. ЕСЧП, исто така, истакна дека во гореспоменатата информативна брошура воопштено се споменува „управен суд“, без да се прецизира точно кој суд.

Меѓутоа, на островот Хиос, каде што жалителите биле притворени, немало управен суд, а најблискиот се наоѓал на островот Митилена. Дури и да се претпоставило дека правните лекови биле ефикасни, ЕСЧП не можел да согледа како жалителите би можеле да ги применат истите во пракса. Земајќи ги предвид наодите на други меѓународни тела, ЕСЧП сметал дека во конкретните околности правните лекови за кои станува збор не им биле достапни на жалителите. Според тоа, дошло до повреда на член 5, став 4 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права