Правото на детето на приватен живот повредено поради недостиг на одредба за алтернативни начини за признавање на децата родени од истополови двојки со сурогат-мајчинство

Во предметот Д.Б. и други против Швајцарија (претставки бр. 58817/15 и 58252/15, 22.11.2022 година) Европскиот суд за човекови права одлучи,

  • со мнозинство од шест гласови „за“ и еден „против“, дека дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот живот на дете родено со сурогат-мајчинство) од Европската конвенција за човекови права, и
  • едногласно, дека немало повреда на член 8 (право на почитување на семејниот живот на целниот и на генетскиот татко).

Предметот се однесувал на истополови двојки, кои биле регистрирани партнери и склучиле гестациски договор за сурогат-мајчинство во Соединетите Американски Држави, врз основа на кој бил роден третиот жалител. Подносителите на претставките особено се жалеле дека швајцарските власти одбиле да го признаат односот родител-дете воспоставен од американски суд помеѓу целниот татко (првиот подносител) и детето родено по пат на сурогат мајчинство (третиот подносител). Швајцарските власти го признаа односот родител-дете помеѓу генетскиот татко (вториот подносител) и детето. Судот наведе дека главната карактеристика што го разликува предметот од оние што ги решавал претходно беше дека првите двајца жалители биле истополова двојка во регистрирано партнерство. Во врска со третиот жалител, Судот забележа дека, во времето кога тој е роден, националното право не нудело никаква можност за признавање на односот родител-дете помеѓу целниот родител (првиот подносител) и детето. Посвојувањето било дозволено единствено за брачни парови, исклучувајќи ги двојките кои живеат во регистрирани партнерства. Дури на 1 јануари 2018 година станало можно да се посвои дете на регистриран партнер. Така, речиси седум години и осум месеци, подносителите на претставките немале можност да обезбедат дефинитивно признавање на односот родител-дете.

Според тоа, Судот одлучи дека, со непризнавањето на законски издадениот извод од матичната книга на родени од странство во делот што се однесува на односот родител-дете помеѓу целниот татко (првиот подносител) и детето родено со сурогат-мајчинство во Соединетите Американски Држави, без да предвидат алтернативни средства за признавање на тој однос, швајцарските власти не го зеле предвид најдобриот интерес на детето.

Со други зборови, општата и апсолутна неможност да се добие признавање на односот помеѓу детето и првиот жалител во текот на значителен временски период претставувала непропорционално мешање во правото на третиот жалител на почитување на приватниот живот според член 8. На тој начин, Швајцарија ја пречекорила својата граница на слободно уверување со тоа што не усвоила навремена законска одредба за таквата можност.

Во однос на првиот и вториот жалител, Судот најпрво забележал дека аранжманот за сурогат-мајчинство што го спровеле за да основаат семејство бил во спротивност со јавната политика на Швајцарија. Исто така, утврди и дека практичните тешкотии со кои би можеле да се соочат во нивниот семеен живот во отсуство на признавање на односите меѓу првиот и третиот жалител според швајцарското право биле во границите на усогласеност со член 8 од Конвенцијата.

Преземено од официјалната веб-страница на Европскиот суд за човекови права