22 Јул Правото на слобода на изразување било повредено со тоа што на подносителот на претставката му било наложено да плати отштета заради објава за друго лице на неговата Фејсбук страница
Во предметот Понта против Романија (жалба бр. 44652/18, 14.6.2022 година), Европскиот суд за човекови права едногласно оцени дека дошло до повреда на членот 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесувал на пресуда со која му се наложува на г-дин Понта, поранешен политичар и премиер, да плати отштета заради објавување коментари насочени кон друго лице на неговата Фејсбук страница. На 10 февруари 2016 година, додека бил пратеник во собранието, г-дин Понта објавил текст на својата Фејсбук страница, во кој особено се наведува следното: „… во текот на моите речиси четири години како премиер, само еднаш добив директни информации од специјализираните јавни тела во врска со чист случај на обид за корупција од страна на министер, Л.И. (кој бараше лична корист од голем американски инвеститор во замена за неговата поддршка за поставување на голем проект во Романија)…“. На 14 септември 2016 година, Л.И. поднесол тужба пред Окружниот суд во Букурешт, тврдејќи дека изјавите на г-дин Понта биле лажни и клеветнички и дека му наштетиле на неговиот углед и имиџ. На 6 април 2017 година, судот го усвоил барањето на Л.И., наоѓајќи дека изјавите дадени во објавата го повредиле достоинството на Л.И. и со тоа била сторена повреда на членот 30 од романскиот устав и од Конвенцијата.
Како прво, Судот утврди дека постапките на протагонистите во предметот, двајцата поранешни министри, се случиле во јавен контекст и дека предметната објава може да се чита како објава којашто придонесува кон дебата за прашање од јавен интерес, имено политичка корупција. Понатаму, Судот утврди дека домашните судови во соите пресуди не ги разгледале изјавите во севкупниот контекст на предметот, со цел да ги проценат намерите на подносителот на претставката. Тие се ограничиле единствено на утврдување на тоа дали постојат составните елементи на деликтната одговорност, без да го земат предвид правото на подносителот на претставката на слобода на изразување во поширок контекст на дебата меѓу двајца политичари за прашање од јавен интерес – право на кое подносителот на претставката изречно се повикал во својата одбрана.
Судот зазеде став дека на изјавите не им недостигала фактичка основа, со оглед на тоа што жалителот се осврнал на одреден момент од својата премиерска функција и на многу конкретни информации, наведувајќи го изворот на тие информации („специјализирани државни тела“) и вклучувајќи детали кои се однесуваат на контекстот на предметот, како, на пример, тоа што ја пријавил информацијата до тогашниот претседател и добил негова согласност да го отстрани Л.И. од функцијата и да го смени врз основа на наводите против него.
Судот оцени дека домашните судови не им дале подеднаква тежина на правото на Л.И. на почитување на неговиот углед и на правото на жалителот на слобода на изразување, како и дека таквиот пропуст бил проблематичен сам по себе во смисла на член 10 од Конвенцијата. Судот заклучи дека, според тоа, мешањето во остварувањето на правото на жалителот на слобода на изразување не било „неопходно во едно демократско општество“ и дека со тоа претставува повреда на член 10 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права