Превентивниот притвор на лице осудено за убиство не претставува повреда на Конвенцијата

Во предметот Илнзеер (Ilnseher) против Германија, Европскиот суд за човекови права се изјасни дека нема повреда на Конвенцијата. Предметот се однесуваше на законитоста на дополнителен превентивен притвор на лице осудено за убиство.

Жалителот, Даниел Илнзеер, е германски државјанин и моментално е притворен во центар за превентивен притвор во рамките на затворот Штраубинг (Германија). Г-дин Илнзеер е во превентивен притвор од 2008 година, кога како малолетник ја отслужил десетгодишната казна за убиство на една жена во 1997 година. Кривичното дело било сексуално мотивирано. Притворот му бил  подоцна продолжен со судска наредба, донесена врз основа на психијатриски проценки кои откриле висок ризик од извршување на слични тешки кривични дела од сексуална и насилна природа во случај да биде ослободен.

Потпирајќи се на член 5 став 1 (право на слобода и безбедност) и член 7 став 1 (нема казна без закон), г-дин Илнзеер се жалел дека неговиот ,,ретроактивен” превентивен притвор  претставува повреда на неговото право на слобода и неговото право да не му се изрече потешка казна од онаа која била применлива во времето на извршувањето на кривичното дело. И на крај, тој се жалел според член 5 став 4 (право на законит притвор одреден од страна на суд во кус рок) за времетраењето на постапката за преиспитување на неговиот привремен превентивен притвор и според членот 6 став 1 (право на правично судење) во врска со недостатокот на непристрасност на еден од судиите кој издал нардба за неговиот последователен превентивен притвор.

Оттаму, Судот утврди:

  • нема повреда на член 5, став 1 (право на слобода и безбедност) од Европската конвенција за човекови права во однос на превентивниот притвор на жалителот како резултат на оспорената судска наредба за неговиот последователен превентивен притвор. Судот утврди дека било неопходно да се процени врз основа на објективно лекарско стручно мислење дали засегнатото лице било психички растроено на денот на усвојувањето на мерката за негово лишување од слобода;

  • нема повреда на член 7, став 1 (нема казна без закон) во однос на превентивниот притвор на жалителот. Судот утврди дека била изречена наредба за превентивен притвор поради и со цел да се задоволи потребата од лечење неговото психичко растројство.

  • нема повреда на член 5, став 4 (право на законитост на притвор за кој треба да одлучи суд во кус рок) од Конвенцијата во однос на времетраењето на постапката за преиспитување на привремениот превентивен притвор на апликантот. Судот утврди дека со оглед на сложеноста на предметот, од правна и од фактичка гледна точка, времетраењето на постапката пред домашните судови го задоволува условот за ,,кус рок” според член 5, став 4.

  • и со мнозинство гласови дека нема повреда на член 6, став 1 (право на правично судење) од Конвенцијата во однос на наводниот недостиг на непристрасност на судијата П. во главната постапка во врска со наредбата за последователен превентивен притвор на жалителот. Судот не утврди дека судијата П. бил лично пристрасен против г-дин Илнзеер, ниту дека има објективно оправдани сомневања во неговата непристрасност во оваа постапка.

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права