Предмет Алексejев (Alekseyev) и други против Русија

Во предметот Алексejев (Alekseyev) и други против Русија (жалба бр.14988 / 09 и 50 други, 27.11.2018 година), Европскиот суд за човекови права едногласно заклучи дека имало повреда на член 11 (право на слобода на собирање), член 13 (право на ефективен правен лек) и член 14 (право на недискриминација, односно забрана на дискриминација) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот, кој обединуваше 51 жалба од седум жалители, се однесуваше на континуираното одбивање од страна на руските власти да ги одобрат барањата на организаторите за одржување на митинзи за правата на ЛГБТ популацијата (хомоскесуалците, бисексуалците и транссексуалците). Судот претходно донесе пресуда во 2010 година во предметот на Алексејев против Русија (жалби бр. 4916/07, 25924/08 и 14599/09) кој се однесуваше на слична жалба од првиот жалител во конкретниот предмет. Во тој предмет, Судот заклучи дека одбивањето на властите да дадат дозвола за одржување на митинзите за правата на ЛГБТ претставувале повреда на членовите 11, 13 и 14 од Конвенцијата. Судот утврди дека во конкретниот предмет треба да ја повтори својата пресуда од претходниот.

Оттука, утврди дека одлуката за отфрлање на барањата на жалителите за одржување на јавни настани за правата на ЛГБТ не може да се оправда со загриженост поради нарушувањето на јавниот ред и мир, како и дека истото претставува прекршување на правото на жалителите на слобода на собирање. Судот, исто така, утврди дека одлуката за блокирање на настаните за правата на ЛГБТ популацијата јасно била мотивирана од неодобрувањето од страна на власта на темата на демонстрациите, и на тој начин, претставувало дискриминација, спротивно на член 14.

Судот ја повтори обврската на државите да ги спроведуваат пресудите и истакна дека Русија ќе треба да вложи континуирани и долгорочни напори за усвојување општи мерки, особено во однос на прашањата за слобода на собирање и дискриминација.

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права