Пресретнувањето на комуникација во контекст на кривичната постапка не било во согласност со Конвенцијата

Во предметот Поточка и Адамчо против Словачка (жалба бр. 7286/16, 12.01.2023 година) Европскиот суд за човекови права утврди повреда на член 8 и член 6, став 1 од Европската конвенција за човекови права во однос на право на независен и непристрасен суд и правото на образложена судска пресуда.

Жалителите, Анита Поточка и Бранислав Адамчо се партнери. Предметот се однесува на пресретнување на телефонска комуникација во 2004 година во контекст на кривичната постапка за изнуда против г-дин Адамчо. Прислушуваниот мобилен телефон и припаѓал на г-ѓа Поточка, но – според властите – бил користен од г-дин Адамчо.

Поконкретно, врз основа на член 8 (право на почитување на приватниот живот) и член 13 (право на делотворен правен лек) од Конвенцијата, подносителите се жалеа дека судскиот налог со кој се одобрува прислушувањето не содржел никакви причини. Исто така, во него не бил наведен судијата што го издал истиот ниту пак било предвидено следење на ситуацијата како би се утврдило дали сè уште постојат основани причини за прислушувањето.

Судот забележа дека процесот на прислушување телефони во тужената држава се состои од неколку фази и за истиот имаат одговорност неколку органи. Во онаа мера во која е тоа релевантно во овој случај, за предметното прислушување на телефонот налог издал Регионалниот суд, а прислушувањето го извршила полицијата врз основа на таквиот налог на Регионалниот суд. Тој налог спаѓа во опсегот на член 88 од ЗКП од 1961 година. Според ставовите 2 и 3 од таа одредба, налозите за пресретнување на телефонска комуникација според ЗКП морале да бидат издадени од судија и да бидат поткрепени со образложение. Како што е признато во судската пракса на Уставниот суд, причината зошто налозите за пресретнување на телефонска комуникација морале да бидат поткрепени со образложение во сите случаи е тоа што тие претставуваат сериозно мешање во приватноста на засегнатите лица, а истите немале на располагање директен правен лек и вообичаено би дознале за прислушувањето отпосле. Статутарното барање налозите за пресретнување на телефонска комуникација да бидат поткрепени со образложение е во согласност со судската пракса на Судот, според која проверката од страна на орган овластен да одобри употреба на таен надзор дека, меѓу другото, употребата на такви мерки е навистина ограничена на случаи во кои постојат фактички основи за сомнение дека лицето планирало, извршува или извршило тешки кривични дела и дека мерките може да се наредат само доколку нема изгледи за успешно утврдување на фактите со примена друг метод или тоа би било значително уште потешко, претставува гаранција за соодветна постапка осмислена да осигури дека мерките не се наложени случајно, спротивно на зкон или без соодветно и потребно разгледување. Оттука, важно е органот кој дава овластување да утврди дали постои цврсто оправдување за одобрување мерки за таен надзор.

Предметниот налог не му беше ставен на располагање на Судот. Сепак, во отсуство на каков било приговор од страна на Владата, Судот сметаше дека е утврдено дека налогот не содржел образложение покрај повикувањето на барањето на Јавното обвинителство и паушалното утврдување дека, во поглед на тоа барање, прибавувањето на потребните докази преку други средства било неделотворно или невозможно.

Бидејќи налогот не содржел никакво образложение, тој не може да се разгледува во смисла на неопходност во едно демократско општество за целите на член 8, став 2 од Конвенцијата. Според тоа, налогот не го исполнил суштинското барање на националното право, факт што дури ни Владата не се обидела да го оспори.

Судот заклучи дека мешањето во правото на жалителите на почитување на нивниот приватен живот и кореспонденција не било во согласност со закон. Оттаму, утврдена е повреда на членот 8 од Конвенцијата во однос на двата жалители.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права