Пресуда против Србија за неоправданo времетраење на притво

Во предметот Пуриќ и Р.Б. против Србија (жалби бр. 27929/10 и 52120/13), Европскиот суд за човекови права утврди дека имало повреда на член 5, став 3 од Европската конвенција за човекови права.

Жалителите се српски државјани, г-дин Свето Пуриќ („прв жалител“) и Р.Б. („втор жалител“).

На 22 февруари 2007 година Окружниот суд во Смедерево  му одредил притвор на првиот жалител под сомнение за мито и нелегално поседување оружје и експлозиви. Од 11.09.2007 година, првиот жалител останал во притвор само заради сериозноста на потенцијалната казна и природата на наводното кривично дело. Во своето образложение, судот се потпирал, меѓу другото, на фактот дека неговото криминално однесување наводно се одвивало во подолг временски период и дека првиот жалител бил декан на Правниот факултет во Крагујевац во тоа време. Кривичната постапка се уште трае.

На 3 ноември 2011 година надлежниот суд му одредил притвор на вториот жалител под сомнение дека сексуално злоставувал дете. Надлежниот суд го продолжувал притворот на вториот жалител во неколку наврати. Имено, во периодот од 18 јуни до 17 август 2012 година, вториот жалител бил во притвор, во согласност со одлуката од 15 јуни 2012 година, единствено заради сериозноста на потенцијалната казна и природата на наводното кривично дело. На 17 август 2012 година, вториот жалител бил прогласен за виновен за сексуално злоставување на дете и осуден на девет години затвор.

Судот се повикал на своите општи принципи согласно член 5, став 3 од Конвенцијата во врска со правото на ослободување во очекување на судењето. Особено, оправданоста за кој било период на притвор, колку и да е краток, мора да биде на уверлив начин докажано од властите.

Понатаму, иако е точно дека заради нивната посебна тежина и реакцијата на јавноста кон нив, одредени дела може да предизвикаат општествени немири, кои може да го оправдаат притворот пред судење, оваа основа може да се смета за релевантна и доволна само доколку постојат факти кои укажуваат дека ослободувањето на обвинетиот всушност ќе го наруши јавниот ред.

Судот забележа дека веќе утврдил повреда на оваа одредба во однос на Србија во слична ситуација (во предметот на Лакатош и други против Србија, бр. 3363/08, од 7 јануари 2014 година). Тој сметаше дека Владата не изнела никаков факт или аргумент со кој би се убедил Судот да донесе поинаков заклучок во овој случај. Националните судови ја оцениле потребата за продолжување на притворот во очекување на судењето на жалителите од прилично апстрактна и формалистичка перспектива, потпирајќи се само на сериозноста на потенцијалната казна и природата на наводното кривично дело. Оттука, надлежните органи го продолжиле притворот на жалителите во очекување на судењето врз основа на причини кои не можат да се сметаат за „доволни“ за да се оправда неговото времетраење. Според тоа, овде дошло до повреда на член 5, став 3 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права