Признавање на истополови заедници

Во предметот Бухучеану и други против Романија (претставка бр. 20081/19 и 20 други, 23.05.2023 година), Европскиот суд за човекови права со 5 гласа „за“ и 2 „против“ оцени дека дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права.

Подносителите на претставките се истополови двојки. Предметот се однесува на пристап до правно признавање на односите на подносителите. 

ЕСЧП повтори дека од земјите-членки се барало да обезбедат правна рамка што овозможува соодветно признавање и заштита на односите на истополовите парови. Во врска со ова, тој се повика на својата пресуда на Големиот судски совет во предметот Федотова и други против Русија (бр. 40792/10 и 2 други) и јасниот постоечки тренд во земјите-членки. Државите имаат одредена дискреција („маргина на слобода на одлучување“) во однос на формата на признавањето и видот на доделената заштита. Согласно романскиот закон, законски е признаена само една форма на семејна заедница – брак меѓу лица од спротивен пол. Неколку обиди за промена на оваа правна ситуација поминаа неуспешно во романскиот парламент, а Владата не даде никакви индикации дека има намера да го прошири пристапот до правна заштита за други односи, наведувајќи дека „преовладувачкиот интерес“ е да не им се дава заштита на таквите заедници според член 8, во целосна спротивност со ситуацијата во голем број други држави-потписнички на Конвенцијата.

Жалителите, како и другите двојки во слична ситуација, немале можност да пристапат до бројните социјални и граѓански права достапни според законот за брачни двојки и да ги регулираат прашањата поврзани со имотот, издржувањето и наследството во рамките на своите односи. ЕСЧП го нотираше аргументот на Владата дека овие права може да се остварат со приватни договорни аранжмани, но оцени дека аргументот не е доволно детален и, во секој случај, веќе бил исфрлен од судската пракса на ЕСЧП. 

Понатаму, ЕСЧП наведе дека негативните ставови на хетеросексуалното мнозинство не може да ги надминат интересите на жалителите за признавање на нивните врски, и дека, ако се дозволи признавањето на истополовите заедници, тоа нема да ѝ наштети на институцијата брак, бидејќи разнополовите двојки сè уште ќе може да стапат во брак. Севкупно, ниту еден од аргументите изнесени од Владата за да се оправда ограничувањето на легалните заедници само на хетеросексуални бракови не може да го надмине интересот на жалителите за признавање на нивните врски. Според тоа, сторена е повреда на членот 8 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права