Прирачник на ОБСЕ за медиумско известување за родово засновано насилство врз жените

На 8 декември, Мисијата на ОБСЕ во Црна Гора го објави документот Прирачник за медиумско известување за родово засновано насилство врз жените, водич за медиумски професионалци во кој се промовира известување за родово заснованото насилство врз жените и девојките во согласност со етичките принципи и стандарди. Националните ТВ станици, весниците, информативните портали и локалните радиодифузери во Црна Гора добија примероци од прирачникот. Известувањето за случаи на насилство врз жените и девојчињата е многу чувствително прашање и може да има значително влијание врз животите на преживеаните жртви, како и врз јавното мислење и креаторите на политиките. Тоа има потенцијал да ги расветли основните причини за насилството врз жените и девојчињата, да промовира позитивни општествени и родови норми и да помогне во ублажувањето на ризиците преку обезбедување суштински информации за жртвите. Од клучно значење е новинарите да известуваат за случаите на насилство и да работат на искоренување на стигмата поврзана со нив. Премногу често начинот на кој медиумите известуваат за насилството врз жените е нечувствителен и поттикнува секундарна виктимизација на преживеаните.

Во прирачникот се нагласува дека медиумите треба да избегнувaат сензационализам и да се воздржуваат од промовирање на штетни стереотипи за жените. Особено проблематичен метод на известување е истакнувањето и елаборирањето на „причините“ заради кои насилникот, кој често е партнерот, посегнал по насилство, како што се завист, отфрленост, сиромаштија, губење на работа или зависност, при што одговорноста за насилството им се припишува на двајцата, па дури во некои случаи се префрла од насилникот на преживеаната жртва.

Овој прирачник ги охрабрува новинарите да пристапат кон насилството врз жените и девојчињата од перспектива на општествен проблем. Притоа, известувањето за овој проблем ја подига свеста и дава осврт на прашањето како одговорно да се реагира. Ги разјаснува главните дилеми при известувањето, ги урива митовите кои влијаат на тоа како се пријавува насилството и формулира јасни, практични начела и препораки за поставување нови стандарди и подобрување на постоечките.

Надоврзувајќи се на овој прирачник, Мисијата ќе продолжи да ги поддржува студентите и новинарите за дополнително да ги подобрат своите капацитети за известување за родово засновано насилство.

Преземено од официјалниот веб-сајт на ОБСЕ