Прифаќање на докази добиени преку мачење и злоставување од страна на приватни лица

Во предметот Чвик против Полска (жалба бр. 31454/10, 05.11.2020) Европскиот суд за човекови права утврди, со пет гласа „за“ и два „против“, дека дошло до повреда на членот 6, став 1 (право на правично судење) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на жалбата на г. Чвик дека постапката водена против него за трговија со дрога била неправична. Тој особено се жалеше на тоа што судовите во доказите против него признале изјави на трето лице кои биле добиени со мачење од  страна на членови на криминална банда.

Судот поконкретно констатираше дека домашните судови кои одлучувале во предметот на жалителот не оставиле простор за сомнеж дека предметните изјави се добиени како резултат на постапување забрането со член 3. Прашањето во предметот на жалителот кое претходно не било покренато пред Судот било дали таа одредба може да се пренесе и на докази добиени од трето лице како резултат на лошо постапување со него од страна на приватни лица.

Судот пресуди дека истата логика се однесува и на предметот на жалителот, каде што, како што е наведено погоре, изјавите на К.Г. биле добиени како резултат на недозволено постапување со него и дека во тој случај се применува членот 3. Апелациониот суд сепак ги прифатил таквите изјави како докази, кршејќи ја апсолутната забрана за нечовечно или понужувачко постапување загарантирана со член 3 и без да ги земе предвид аргументите на жалителот во врска со несигурноста на таквите докази или импликациите кои тие ги имаат од гледна точка на неговото право на правично судење според членот 6, став 1 од Конвенцијата.

Како и да е, судовите ја прифатиле употребата на таквите изјави како докази за осудување на жалителот, кршејќи ја апсолутната забрана за нечовечно или понижувачко постапување загарантирана со член 3 од Конвенцијата и без да ги земат предвид импликациите на тие изјави од гледна точка на неговото право на правично судење според членот 6 став 1 од Конвенцијата. Судот особено го повтори своето правило дека признавањето на докази, односно изјави добиени како резултат на мачење или нечовечно или понижувачко постапување забрането со член 3 од Конвенцијата ја прави постапката  неправична.

Ова е прв случај во кој Судот го примени ова правило во врска со доказите добиени како резултат на нечовечно или понижувачко постапување  од страна на приватни лица. Сите претходни слични предмети се однесуваа на докази добиени како резултат на  нечовечно или понижувачко постапување нанесено од јавни/државни службеници.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права