01 Ное Разликата во третманот на судиите и судските службеници довела до дискриминација
Во предметот Пинкас и други против Босна и Херцеговина (претставка бр. 8701/21, 4.10.2022 година), Европскиот суд утврди повреда на член 1 од Протоколот бр. 12 (општа забрана на дискриминација) на Европската конвенција за човекови права.
Подносители на претставката се 51 државјани на Босна и Херцеговина, родени помеѓу 1953 и 1985 година. Тие биле, или сè уште се, судски службеници на судот на Босна и Херцеговина. Предметот се однесува на разликата во третманот во однос на надоместоците за оброци, патувања и одвоен живот меѓу судии и судски службеници и судските постапки по тоа прашање. Втората категорија ги добивала надоместоците само од јануари 2013 година наваму, додека судиите биле платени и за периодот пред тоа. Ваквата состојба настанала како резултат на одлука на Уставниот суд од 2013 година, со која непостоењето надоместоци до тој момент беше прогласено за неуставно, како и подоцна во граѓански постапки на повеќе нивоа на надлежност.
Судот сметаше дека судските службеници (категорија на јавни службеници на кои припаѓаат подносителите на претставката) и судиите во Државниот суд биле во релевантно слична ситуација за целите на оваа жалба, бидејќи истиот правен режим се применувал и за двете категории на јавни службеници во однос на надоместоците за оброци, патувања и одвоен живот.
Не е спорно дека на судските службеници, вклучително и на жалителите во овој предмет, им биле доделени спорните надоместоци поврзани со работата само во однос на периодот по јануари 2013 година, додека на судиите тие надоместоци им биле доделени и за периодот пред јануари 2013. Оттука, двете категории на јавни службеници биле третирани различно. Судот забележа дека образложението на домашните судови не било директно засновано на препознатлива карактеристика или „статус“ на страните во спорот, туку било изнесено со неутрален јазик. Исто така, нема причина да се верува дека домашните судови имале дискриминаторска намера.
Сепак, Судот одлучи дека општата политика или мерка што има несразмерно штетни последици по одредена група може да се смета за дискриминаторска дури и кога не е конкретно насочена кон таа група. Посебната карактеристика на конкретниот случај е тоа што судиите и судските службеници во Државниот суд повеле заедничка граѓанска тужба потпирајќи се на истите законски одредби, како и дека граѓанските судови потоа го разделиле нивниот предмет на два случаи врз основа на нивниот статус и стигнале до спротивни заклучоци во однос на едно од клучните правни прашања покренати во тие случаи. Според тоа, Судот утврди дека оваа разлика во третманот се заснова на „друг статус“ во смисла на член 1 од Протоколот бр. 12.
Владата не понуди никакво оправдување за овој различен третман. Така, Судот не може, а да не заклучи дека ваквиот различен третман нема објективно и разумно образложение.
Иако Судот веќе ја има уважено можноста од тоа спротивставените судски одлуки да се вродена карактеристика на секој судски систем кој се заснова на мрежа од првостепени и апелациони судови со овластување во подрачјето на нивната месна надлежност (види став 46 погоре), имајќи ги предвид многу конкретните околности на овој предмет наведени погоре и фактот дека не е поднесено никакво образложение, Судот смета дека дошло до повреда на член 1 од Протоколот бр. 12.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права