Резолуција на Европскиот парламент за човековите права во Србија

Европскиот парламент усвои итна резолуција на 6 декември 2021 година која се однесува на принудната работа во фабриката Линглонг и на еколошките протести во Србија.

Европскиот парламент изрази длабока загриженост за наводната принудна работа, кршење на човековите права и трговија со луѓе на околу 500 Виетнамци на градилиштето на кинеската фабрика „Линглонг Тир“ во Србија и ги повика српските власти внимателно да го истражат овој случај и да обезбедат почитување на основните човекови права во фабриката, а особено почитување на работничките права. Тој, исто така, побара од Србија да ѝ ги достави на ЕУ заклучоците од спроведените истраги и да побара одговорност од сторителите.

Понатаму, во Резолуцијата ЕП ја изрази својата длабока загриженост во врска со сериозните проблеми со корупцијата и владеењето на правото во областа на животната средина, општиот недостаток на транспарентност, како и оценките на влијанијата на инфраструктурните проекти врз животната средина и општеството, вклучително и на кинеските инвестиции и заеми, како и на инвестициите од мултинационални компании како што е Рио Тинто.  Европскиот Парламент понатаму ги повикува ЕУ и српските власти да ја истражат легитимната загриженост изразена во текот на еколошките протести кои се одржаа минатиот месец во многу градови низ Србија, по објавувањето на измените на Законот за експропријација на земјиштето, што би овозможило побрза експропријација на приватно земјиште и на Законот за референдум и народна иницијатива.

Во врска со тоа, ЕП, исто така, изрази длабока загриженост во врска со зголеменото насилство од страна на екстремистички и хулигански групи против мирните еколошки демонстрации,  изрази жалење за степенот на сила што полицијата ја употребува врз демонстрантите, го осуди насилничкото однесување на хулиганите кон мирните демонстранти и најостро го осуди било каквото прекршување на основното право на мирно собирање. Ги повика српските власти соодветно да ги истражат неодамнешните случаи на масовни протести за време на кои полициските сили, наводно, ги пречекориле своите овластувања или не успеале да ги заштитат демонстрантите од насилство и да го заштитат нивното основно човеково право на мирно собирање.

ЕП ја сподели својата загриженост за ограниченото време и простор за водење на отворена дебата за Законот за референдум и народна иницијатива и измените на Законот за експропријација на земјиштето и ја забележа одлуката за повлекување и преразгледување на Законот за експропријација на земјиштето и усвоените амандмани на Закон за референдум и народна иницијатива.

На крајот, ЕП изјави дека долгорочните трендови на медиумска пристрасност и непостоењето на јасно разграничување меѓу активностите на државните функционери, полицијата и политичарите од различните партии се проблематични и изрази жалење за влошувањето на ситуацијата со слободата на медиумите и интензивирањето на навредливиот јазик, заплашувањето, па дури и говорот на омраза кон пратениците на парламентарната опозиција, независните интелектуалци, невладините организации, новинарите и истакнатите поединци. Беше истакнато дека од најголема важност е сите претставници на медиумите да бидат третирани со почит.

Овде можете да го најдете целиот текст на резолуцијата:

https://www.europarl.europa.eu/doceo/document/TA-9-2021-0511_EN.html