Родово-заснованото насилство за време на KОВИД-19 во БиХ

Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина (БиХ) повика на преземање на безбедносни мерки од страна на владите во земјата за заштита на жените и децата.

Резултатите од Анкетата на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените во БиХ покажаа дека скоро една од две жени преживеала некаков облик на злоупотреба, вклучително и насилство од интимен партнер, во периодот од навршена 15-годишна возраст до денес. Покрај тоа, 64% од жените во БИХ може да се сметаат за погодени од конфликтот, додека превалентноста на насилството од сегашниот партнер е поголема кај оние жени чиј сегашен партнер се борел во конфликтот отколку кај оние кај кои тоа не е случај. Мисијата смета дека овие податоци се загрижувачки во однос на тековната состојба. Изолацијата (затворањето) и самоизолацијата за време на пандемијата КОВИД-19 го зголемуваат ризикот од родово-засновано насилство. Жените и децата се најподложни на злоупотреба и имаат потреба од зголемена заштита во времиња како што се овие, а од надлежните органи се бара да осигураат нивна заштита од насилници.

Со цел да се обезбеди рано предупредување и да се заземе проактивен став, Мисијата на ОБСЕ во БиХ ја следи состојбата со семејното насилство и започна со собирање податоци за тоа како одговорите на пандемијата КОВИД-19 влијаат врз родовата еднаквост, вклучително и врз родово-заснованото насилство. Мисијата ги повикува сите релевантни институции да реагираат брзо и ефикасно на случаите на семејно насилство, придржувајќи се до начелото на владеење на правото во секое време.

Постојат различни начини за намалување на ризикот од насилство врз жените. Некои вклучуваат, на пример, информативни кампањи преку кои ќе се извести јавноста дека засолништата за жени остануваат отворени за време на изолацијата наметната заради коронавирусот, овозможувајќи им на жртвите на семејно насилство да поднесат жалба и обезбедувајќи нови канали за жените да пријавуваат насилство – сето тоа ќе помогне во намалувањето на ризикот. Спроведувањето на законот и кривичниот прогон треба да продолжат со праксата да им овозможуваат на жртвите пристап до наредби за итна заштита, особено во итни случаи.

Кетлин Кавалец, шеф на мисијата на ОБСЕ во БиХ рече: „Правото на жените и децата да живеат без насилство во секој момент е од суштинско значење. Ова е особено потребно во случаи кога семејствата се наоѓаат во самоизолација. Вонредната состојба не може да биде изговор за насилство.”

Ги охрабруваме мажите и момчињата да кажат не на насилството и да го штитат не само своето здравје и безбедност, туку и здравјето и безбедноста на своето семејство и заедница. Таа ја истакна важноста од пристапот до информации релевантни за спречување и справување со насилството врз жени и деца, како што е услугата stopvawnow.org., која е достапна на интернет.

Преземено од веб-сајтот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа