Светски ден на слободата на медиумите 2020

Во изјавата дадена на 3-ти мај по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, Генералната Секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ – Буриќ, ги повика владите да избегнуваат прекумерно ограничување на слободата на медиумите за време на кризата КОВИД-19.

„Владите се соочуваат со невидени предизвици за време на кризата КОВИД-19, но ситуацијата не смее да се користи за да се замолчат или да се попречат новинарите во својата работа“, рече Генералниот Секретар. „Медиумите мора да бидат слободни да известуваат за сите аспекти на кризата. Новинарите имаат клучна улога и посебна одговорност за обезбедување навремени, точни и поткрепени информации на јавноста.“

Генералниот секретар, исто така, изрази загриженост и за наодите од Годишниот извештај на Платформата за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите при Советот на Европа, составена од 14 невладини организации кои работат во областа на слободата на медиумите, истакнувајќи го трендот на насилство врз новинарите и нивно заплашување во текот на минатата година.

Генералниот секретар ги охрабри земјите членки да ја заштитат улогата на новинарите како нужен контролен механизам и како важен дел од потребнaта рамнотежа во поделбата на власта во демократските општества.

Годишниот извештај на Платформата за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите за 2020 година („Извештајот“) содржи 142 сериозни закани за новинарите во 47 земји членки на Советот на Европа. Ова вклучува 33 физички напади врз новинарите, 17 нови случаи на притворање и затворање, 43 случаи на вознемирување и заплашување и два нови случаи на неказнивост за убиство. Невладините организации изразуваат загриженост за вкупно 22 нерешени случаи на неказнивост за убиство на новинари и наведуваат дека најмалку 105 новинари биле во затвор до крајот на 2019 година.

Србија е една од земјите во фокусот на Извештајот. Во него се наведува дека бројот на напади врз медиуми во Србија, вклучително и смртни закани, е во пораст, а реториката која повикува на нетрпеливост често доаѓа од редот јавни службеници.

Овде можете да го прочитате целиот извештај:https://rm.coe.int/annual-report-en-final-23-april-2020/16809e39dd

Преземено од веб-сајтот на Советот на Европа