Советодавно мислење на ЕСЧП за посвојување возрасно лице

Европскиот суд за човекови права едногласно го испорача својот одговор на барањето за советодавно мислење (бр. P16-2022-001) поднесено од Врховниот суд на Финска според Протоколот бр. 16 кон Европската конвенција за човекови права, во однос на прашања кои произлегле од постапката за посвојување на возрасно лице.

Протоколот бр. 16 им овозможува на највисоките национални судови и трибунали на земјите-членки да побараат од Судот да даде советодавни мислења за начелните прашања кои се однесуваат на толкувањето или примената на правата и слободите дефинирани во Конвенцијата или нејзините протоколи. Советодавните мислења не се обврзувачки.

Врховниот суд на Финска особено побара насоки во однос на процедуралните права и статусот на биолошката мајка во постапката за посвојување на нејзиниот син, Ц, кој сега е возрасен. Ц отишол да живее кај неговата тетка на тригодишна возраст. Тетката поднесла барање до судот да го посвои Ц кога тој имал 25 години, а тој веќе бил иселен и живеел самостојно. Мајката се спротивставила, но националните судови го одобриле посвојувањето. Во моментов се чека одлуката на Врховниот суд во врска со нејзината жалба. Како прво, Судот утврди дека приватниот живот на биолошкиот родител бил засегнат со правната постапка во врска со посвојувањето на возрасно дете и дека, според тоа, во конкретниот предмет е применлив членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот). Меѓутоа, Судот не сметаше дека се потребни дополнителни и конкретни заштитни мерки, како што се правото на статус на страна во постапката и правото на жалба, за да се задоволат процедуралните барања од член 8 од нејзина перспектива. Иако одредени други правни системи меѓу државите-потписнички (Италија и Малта) им даваат на биолошките родители такво право или права во постапките за посвојување на возрасни, Судот сепак наведе дека државите-потписнички имаат право на широка дискреција при регулирањето на постапката за посвојување на возрасни. Така, останува на Врховниот суд на Финска да утврди дали правната постапка во врска со посвојувањето на полнолетното лице вклучува какво било право на биолошката мајка што е признаено според националниот закон. Доколку одлучи спротивно на тоа, членот 6 (право на пристап до судот) нема да биде применлив во предметот што се води пред Врховниот суд.

Преземено од официјалната веб-страница на Европскиот суд  за човекови права