Условот затворениците да ја докажуваат својата вера во писмена форма не е во согласност со Конвенцијата

Во предметот Неагу против Романија (жалба бр. 21969/15, 10.11.2020), Европскиот суд за човекови права утврди со мнозинство гласови дека дошло до повреда на членот 9 (право на слобода на мислење, совест и вера) од  Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на затвореник кој преминал на ислам додека бил во притвор. Тој се жалел на одбивањето на романските власти да му обезбедат оброци без свинско месо, во согласност со начелата на неговата религија, доколку не доставел доказ дека е припадник на таа вера.

Судот забележа дека условот наведен во наредбата бр. 1072/2013 година се однесувал само на затворениците кои прешле на друга вера додека биле во притвор, бидејќи во сите други случаи затворениците можеле да се изјаснат околу својата верска припадност едноставно преку свечена изјава. Покрај тоа, во предметната наредба се вовела дистинкција помеѓу првичната изјава за верска припадност, која затвореникот можел да ја даде слободно и без посебни формалности по приемот во затвор, и промената на верата во текот на притворот, која затвореникот морал да докаже со документ издаден од претставниците на неговата или нејзината нова вера.

Според гледиштето на Судот, ваквиот пропис, кој подразбира строго барање за обезбедување документарен доказ за припадност кон одредена вера, го надминува нивото на докажување на вистинско верување што може да се бара. Ова е особено точно во ситуација кога затворениците првично се слободни да се изјаснат за својата вера без притоа да мораат да приложат било каков доказ. Понатаму, разгледувајќи ја жалбата на г. Неагу во врска со затворот Брила, судијата кој вршел ревизија на притворот и првостепениот суд ја отфрлиле жалбата на жалителот без да ја испитаат фактичката позадина на неговото барање, со образложение дека тој не доставил писмен доказ, во согласност со важечките прописите. Исто така, тие не утврдиле дали г-н Неагу би имал вистинска можност да добие писмен доказ или друга потврда дека е следбеник на верата за која станува збор, особено имајќи ги предвид ограничувањата со кои како затвореник се соочувал.

Според тоа, Судот сметал дека, имајќи ги предвид одредбите воведени со наредбата на Министерството за правда со кои се бара, меѓу другото, и писмен доказ за промена на верата за време на притворот, националните власти ја нарушиле правичната рамнотежа помеѓу интересите на затворот, интересите на другите затвореници и личните интереси на засегнатиот затвореник. Во тој контекст,  Судот не беше убеден дека барањата на г. Неагу да му бидат обезбедени оброци во согласност со неговата вера би предизвикале проблеми во водењето на затворот или би имале негативно влијание врз исхраната што им се нудела на другите затвореници. Оттаму, овде дошло до повреда на членот 9 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права