Фронтекс во Северна Македонија

Фронтекс, Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, ќе обезбеди оперативна поддршка во управувањето со границите на Северна Македонија, „целосно почитувајќи ги основните права“, врз основа на договор усвоен од законодавците на ЕУ на 15 февруари 2023 година.

Фронтекс ќе ги распореди своите тимови да им обезбедат поддршка на властите на Северна Македонија во управувањето со мигранти на границите на земјата, која лежи на таканаречената балканска рута што мигрантите ја користат за да стигнат од југоисточна до западна Европа.

Според податоците на Фронтекс, нерегуларните премини на границите по балканската рута „се зголемиле повеќе од двојно“ во 2021 година во споредба со претходната година, за вкупно 61.735 случаи на откриени преминувања, додека во 2022 година биле регистрирани 330.000 преминувања, што, според Фронтекс, е највисока бројка од 2016 година наваму.

Подетално, властите на Северна Македонија мора да побара изведување заеднички активности, врз основа на оперативен план. Договорот ќе стапи на сила два месеци откако ЕУ и Северна Македонија ќе известат дека се завршени внатрешните процедури за ратификација.

Согласно со текстот на договорот, „персоналот мора во целост да ги почитува основните права, вклучително и пристапот до процедури за азил и човечко достоинство и да обрне особено внимание на ранливите групи“. За да се обезбеди тоа, во предлогот е пропишано дека треба да постои наменска канцеларија на Фронтекс, одговорна за надгледување човечки права.

Договорот помеѓу ЕУ и Северна Македонија не е прв договор што цели да го прошири присуството на Фронтекс во трети земји со чувстителни области во поглед на имигрантски рути, како што е западниот Балкан.

На средината на ноември, Советот на ЕУ го најави почетокот на меѓународните преговори за зголемено присуство на Фронтекс во уште четири други земји од западен Балкан – Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, и Црна Гора.

Преземено од веб-сајтот на Еурактив