Годишен извештај за 2002 г. на Комесарката за човекови права на Советот на Европа

„Заштитата на човековите права во Европа претрпе сериозни назадувања во 2022 година“, рече Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, презентирајќи го својот Годишен извештај.

Извештајот во голема мера се фокусира на злосторствата извршени од Руската Федерација во текот на нејзиниот воен напад врз Украина. Ова вклучува решавање на повредите на човековите права на украинските деца префрлени во Руската Федерација или на привремено окупираните територии, од кои некои добија руско државјанство по пат на очигледно кршење на меѓународното хуманитарно право.

Извештајот, исто така, ја споменува и мисијата што Комесарката ја спроведе на Косово од 30 мај до 3 јуни, фокусирајќи се на прашањата поврзани со транзициската правда и социјалната кохезија, слободата на медиумите и прашањата поврзани со правата на жените и родовата еднаквост. По мисијата, Комесарката објави меморандум на 18 октомври, во којшто ја истакна потребата Косово да се справи со недостатоците во истрагата, гонењето и судењето за воени злосторства кои сега се под одговорност на неговиот правосуден систем и да ја зајакне соработката со косовските специјализирани комори и со Специјалното обвинителство. Таа ја охрабри соработката меѓу Белград и Приштина во потрагата по лица кои и натаму се исчезнати како резултат на конфликтот. Комесарката дополнително ја нагласи потребата од тоа сите цивилни жртви на војната да добијат пристап до репарации и безбедни услови да истапат како такви, како и потребата од решавање на пречките за нивно одржливо враќање.

Понатаму, Комесарката исто така нагласува дека третманот на барателите на азил, бегалците и мигрантите во Европа покажува дека многу земји-членки конзистентно и намерно не ги исполнуваат своите меѓународни обврски  во однос на човековите права во оваа област. „Враќањата, одбивањето да се спасат чамци во неволја, како и нехуманите услови и третман се заеднички карактеристики на пристапот кон миграцијата, несразмерно фокусиран на безбедноста што ги загрозува човечките животи. Наместо да продолжат по овој пат, земјите-членки треба да се фокусираат на обезбедување безбедни и легални рути, хуманитарна помош долж миграциските рути и пребарување и спасување на море“.

Според Извештајот, 2022 година ја карактеризираше и распространета клима на нетолеранција, непријателство, па дури и насилство врз ЛГБТИ лицата. „Политичката инструментализација на прашањата поврзани со нивните човекови права, како што е законското признавање на истополовите парови или нивното право на семеен живот, служеше само за зголемување на непријателството и дезинформациите против ЛГБТИ лицата и за поларизирање на општеството“, пишува Комесарката, нагласувајќи дека ваквата состојба е симптом на поширок проблем на уназадување во поглед на заложбата за обезбедување еднакви права за сите.

Комесарката, исто така, нагласува дека продолжува да се стеснува просторот за остварување на основните слободи од страна на граѓанското општество, бранителите на човековите права и поединците воопшто. Друга област каде сè уште е потребен напредок е заштитата и унапредувањето на правата на жените и родовата еднаквост. Жените и девојките во Европа сè уште се соочуваат со значајни предизвици, како што се родово засновано насилство и пречки во пристапот до нивното сексуално и репродуктивно здравје и права, вклучително и поради влијанието на пандемијата со КОВИД-19 и војната во Украина. 

Преземено од веб-страницата на Советот на Европа