Програмата за заштита на сведоци била во согласност со Конвенцијата

Во предметот А и Б против Романија (жалба бр. 48442/16, 02.06.2020) Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека не дошло повреда на член 2 (право на живот) од Европската конвенција за човекови права.

Во овој предмет, подносителите се жалеа на нивото на заштита која им била обезбедена како сведоци во еден случај на корупција. Во август 2015 година, Канцеларијата на Јавното обвинителство за борба против корупција при  Високиот касационен суд (Врховниот суд на Романија) ги прогласи жалителите за „сведоци под закана“: тие работеле за Ц, кој заедно со друг висок функционер Д, бил под истрага за наводни коруптивни дела. За жалителите се верувало дека биле сведоци на сомнителни трансакции помеѓу Ц и Д.

Судот конкретно утврди дека надлежните органи препознале дека жалителите се соочиле со закана по нивните животи. Сепак, било потребно извесно време – една година и четири месеци – формално да ги вклучат во програмата за заштита на сведоци. И покрај тоа, тие не биле оставени без заштита во тој временски период, дури и ако, барем на почетокот, таквата заштита била претежно импровизирана, со оглед на недостатокот на прописи, кои станале применливи дури во јули 2016 година. Овие недостатоци биле исправени од надлежните.

Иако Судот прифати дека таквата состојба придонела за ескалација на конфликти и недоверба помеѓу жалителите и полицијата, тоа сепак не го оправдува провокативното однесување на жалителите и нивното непочитување на преземените одговорности во контект на сопствената заштита. Жалителите биле целосно запознаени со својата должност да соработуваат со надлежните органи, која била утврдена со закон и вклучена во протоколите за заштита, кои и самите  ги потпишале.

Во пракса, тие континирано не ги исполнувале своите обврски и ги прекршувале протоколите. Не соработувале и многу често несоодветно се однесувале кон полициските службеници. Судот, пофалувајќи ги надлежните за нивните напори да продолжат да ги штитат жалителите и покрај изостанатата соработка, заклучи дека тие сториле сé што можело разумно да се очекува од нив во дадените околности за да ги заштитат жалителите од заканата. Жалителите биле присутни на социјалните медиуми и на телевизија, ризикувајќи да го загрозат својот статус на заштитени сведоци. Тие, исто така, одбиле да бидат преместени во друго место во Романија, додека Високиот касационен суд, по внимателно разгледување, го одбил барањето за промена на нивните идентитети и нивно преместување во странство и дал образложение за својата одлука.

Судот сметаше дека надлежните органи постапиле онака како што би можело разумно да се очекува од нив за да ги заштитат жалителите од наводниот ризик по нивните животи. Така, тие ги исполниле условите од член 2 од Конвенцијата и овде не дошло до повреда на тој член.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права