Шести регионален форум за владеење на правото за Југоисточна Европа

22-23 МАРТ 2019 – Дубровник, Хрватска

Целта на Форумот е да го промовира спроведувањето на Европската конвенција за човекови права на национално ниво, да ја поттикне регионалната соработка во услови на континуиран развој на владеењето на правото и човековите права и да помогне во процесот на интеграција на регионот во ЕУ. Овој настан е поддржан од страна на Министерството за надворешни работи и Комонвелт на Обединетото Кралство, Владата на Шведска и Фондацијата Конрад Аденауер.

Темата на Форумот во 2019-та година ќе бидат правата на детето во контекст на Европската Конвнција за човекови права. Беа направени опсежни консултации со претставници на правосудството и невладиниот сектор во целиот регион и Стразбур, а оваа тема беше истакната како тема од посебно и суштинско значење која често се занемарува. Форумот ќе опфаќа дискусии за голем број прашања, како што се семејното насилство (каде децата се жртви и сведоци), трговија со луѓе, азил, старателство и грижа за децата, како и пристап до правда за децата.

Поканетите учесници доаѓаат од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија. На едно место ќе се соберат судиите од целиот регион кои судат во Европскиот суд за човекови права, претседателите и судиите на врховните судови и уставните судови од регионот, претседателите на судските совети, директорите на академиите и институциите за обука во правосудството, владините агенти пред Судот во Стразбур, како и претставниците на невладините организации и истакнати правни експерти во оваа област. Судиите во Европскиот суд за човекови права од регионот веќе го потврдија своето присуство и учество на Форумот.

[FinalTilesGallery id='5']