Screenshot 2022-12-07 at 16.10.22

Заштита на човековите права во вонредни ситуации

Вонредните ситуации, како што е пандемијата Ковид-19, претставуваат сложени предизвици за државните власти. Ваквите ситуации бараат од државите на урамнотежен начин да ги исполнат своите одговорности за брзо и ефективно реагирање во вонредни ситуации и истовремено да продолжат да ги штитат сите права и слободи на кои може да влијае таквата реакција. Надоврзувајќи се на правната анализа во Водичот за 2020 година „Ковид-19 и неговото влијание врз човековите права“, во оваа публикација се даваат практични насоки за тоа како најдобро да се пристапи кон новите прашања што се појавија за време на пандемијата, а притоа да се заштитат човековите права на поединците. Во првиот дел на водичот се дава осврт на клучните прашања кои се наметнуваат во вонредни ситуации како што е Ковид-19, вклучително и како урамнотежено да се пристапи кон различните права поврзани со широк спектар на контексти – од задолжителна вакцинација до наметнување на мерки за забрана на движење (анг. lock down) . Вториот дел од водичот содржи резимеа на судската пракса на Европскиот суд за човекови права која е идентификувана како најрелевантна за правата од Конвенцијата опфатени во првиот дел.

Screenshot 2021-09-02 at 13.31.15

Независност и непристрасност на судството

Овој водич дава увид во клучните начела кои ја сочинуваат основата за независноста и непристрасноста на судството, онака како што се тие развиени од страна на Европскиот суд за човекови права. Во првиот дел, авторите го разгледуваат правото на пристап до суд според членот 6 од Европската конвенција за човекови права како темелен концептуален елемент на поимот на владеење на правото и тие ја фокусираат нивната анализа на институционалните барања на членот 6 став 1, што се однесуваат на „независен и непристрасен трибунал воспоставен со закон“. Иако „независноста“ и „непристрасноста“ понекогаш се разгледуваат заедно од страна на Судот, водичот нив ги разгледува во две одвоени поглавја, рефлектирајќи го нивниот статус како два засебни концепти кои опфаќаат различни барања. Вториот дел од водичот содржи резимеа на судската пракса на Судот која е идентификувана како најрелевантна за правата од Конвенцијата за кои се расправа во првиот дел.

Screenshot 2020-11-19 at 09.08.57

Ковид-19 и ефектот врз човековите права

Овој водич беше креиран како одговор на влијанието на заштитата на човековите права во текот на пандемијата Ковид-19. Првиот дел од публикацијата ги анализира правата од Европската конвенција за човекови права кои беа најмногу погодени од пандемијата Ковид-19 и од владините одговори да ги ограничат истите. Авторите ги засноваа нивните наоди врз одредбите од Конвенцијата и врз пресудите и одлуките кои се најрелевантни за правните прашања покренати со пандемијата и ја применија постојната судска пракса на Европскиот суд за човекови права врз новиот сет на факти кои би можеле да дојдат пред судовите. Водичот се осврнува на клучните прашања како што се отстапувањата (дерогациите) од Конвенцијата, пристапот до судовите и правото на медицински третман и тој претставува корисна алатка во толкувањето и применувањето на правата од Конвенцијата во контекст на кризата Ковид-19. Вториот дел од водичот содржи резимеа на судската пракса на Судот којашто е најрелевантна за правата од Конвенцијата  за кои се расправа во првиот дел.

pub_mak

Европското право за азил низ судската практика – Водич за судиите, носителите на одлуки и практичарите

Водичот сочинува дел од еден поширок проект кој имаше за цел да ги адресира предизвиците со кои беа соочени земјите од Западниот Балкан како одговор на зголемениот број мигранти и бегалци кои пребегаа во Европа уште од 2015 година. Земјите во овој регион се главно транзитни земји за мигранти и бегалци, но исто така има пораст во бројот на барањата за азил во самите земји од Западниот Балкан како одговор на тоа што државите-членки на Европската унија наметнуваат строги гранични контроли. Авторите даваат увиди, експертски коментари и резимеа на случаите од најважната судска пракса на Европскиот суд за човекови права, Судот на правдата на Европската унија и домашните европски судови во врска со азилот. Оваа публикација има за цел да ги зголеми знаењето и капацитетот на судството во Западниот Балкан да осигура правилно спроведување на меѓународните стандарди на домашно ниво и заштита на темелните права на барателите на азил. 

makpublikacija

Деца и Европскиот суд за човекови права

Овој водич се фокусира на правата на децата во судската пракса на Европскиот суд за човекови права. Тој го нагласува пристапот кој го зазема Судот во однос на клучните начела: приматот на најдобрите интереси на детето, вклучувајќи ја и важноста детето да биде сослушано и нивната примена врз обврските на државата кон децата во еден спектар на сценарија. Авторите ја потенцираат релевантната јуриспруденција и даваат резимеа на предмети од селектираната релевантна судска пракса што се однесува на прашања како што се старателството, децата под грижа и надзор [на државата], децата и кривично-правниот систем и децата и имиграцијата.

torture-mk

Преглед на судската пракса на Европскиот суд за човекови права:  забрана на мачење, нечовечко или понижувачкo постапување или казнување

Овој водич нуди преглед на судската пракса на Европскиот суд за човекови права за членот 3 од Европската конвенција за човекови права – забраната на мачење, нечовечкото или понижувачкото постапување и казнување. Разбирањето на негативната обврска на државите да не се вклучуваат директно во забранетото постапување и позитивните, процесни и оперативни обврски да се осигура дека поединците во рамките на јурисдикцијата на државата се заштитени од забранет третман е од клучна важност. Преку давањето анализа на судската пракса на Судот и резимеа на предметите од релевантната судска пракса, се надеваме дека оваа публикација ќе го помогне унапредувањето на разбирањето на членот 3 и ќе го потпомогне спроведувањето на правата од Конвенцијата во регионот на Западниот Балкан.

publication-free-express-mk

Судска пракса на Европскиот суд за човекови права:  слободата на изразување и нејзиниот однос со правото на почитување на приватниот живот и правото на правично судење

Овој водич го разгледува правото на слобода на изразување втемелено во членот 10 од  Европската конвенција за човекови права. Во првиот дел, авторите ја нагласуваат широката интерпретација на овој член од Европската конвенција за човекови права од страна на Европскиот суд за човекови права и тоа како правото на слобода на изразување на едно лице може да се одрази врз правата на другите од Конвенцијата. Потенцирајќи ја природата на членот 10 како квалификувано право, овој водич се фокусира на случаите на содејство помеѓу правата од Конвенцијата и тестот на балансирање кој се бара од судовите. Особено значајно е да се разгледа поврзаноста на правото на слобода на изразување со правото на правично судење од членот 6, како и со правото на почитување на приватниот живот од членот 8. Вториот дел од водичот содржи резимеа на судската пракса на Судот идентификувана како најрелевантна во дискусиите во првиот дел.