На 16 и 17 октомври 2020 година, AIRE Центарот и Civil Rights Defenders ќе бидат домаќини на Седмиот регионален форум за владеење на правото (Rule of Law Forum) во Југоисточна Европа
Форумот ќе има своја централна конференција на која ќе учествуваат Претседателот на Европскиот суд за човекови права, Комесарката за човекови права на Советот на Европа, судии и поранешни судии на Европскиот суд за човекови права. претставниците од земјите во регионот ќе се состанат во националните работни центри во Белград, Подгорица, Приштина, Сараево, Скопје, Тирана и Загреб, каде ќе бидат опфатени претседатели и судии на врховните и уставните судови, омбудсманите (народните правобранители), владините агенти пред Судот во Стразбур, претставници на центрите за обука/ правосудните академии, претставници на невладините организации и истакнати правни експерти од регионот.
Форумот ќе биде интерактивен настан, со можност учесниците од целиот регион да се поврзат и да се вклучат во централната конференција, како и да се поврзат меѓусебно едни со други, со посредство на видео технологијата. Форумот е поддржан од Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство, Владата на Шведска, Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.
Темата на овогодинешниот Форум е Ковид-19 и правата заштитени со Европската конвенција за човековите права. Пандемијата Ковид-19 претставува една од најголемите лобални кризи од Втората светска војна. Владите низ целиот свет презедоа досега невидени мерки за справување со предизвиците што ги носи пандемијата и за ограничување на опасностите по животот и здравјето. Исто така, се случува за првпат во историјата на Конвенцијата повеќе држави-членки да бидат истовремено погодени од истата исклучително кризна ситуација која влијае на толку многу права заштитени со Конвенцијата.
Заради пандемијата, државите мораа да ги преземат нивните позитивни обврски за заштита на животот и здравјето, додека мерките, како што затворањата дома (анг. lockdown), кои беа спроведени во обид да го спречат ширењето на пандемијата и да го заштитат здравјето, претставуваа вмешување во бројни други права заштитени со Конвенцијата. На пример, затворањето на судовите, училиштата, верските храмови и угостителските објекти покренаа прашања поврзани со правото на правично судење, правото на образование, слободата на вероисповед и правото на мирно уживање на сопственоста, додека ограничувањата на движењето и собирањето претставуваа вмешување во правото на слобода на движење, слободата на изразување, слободата на здружување и правото на слободни избори.
Јасно е дека пандемијата Ковид-19 покренува нови правни прашања и нови предизвици во однос на тоа како да се балансира помеѓу повеќе засегнати права. Според тоа, нема сомнение дека низа предмети кои се однесуваат на Конвенциските права поврзани со пандемијата наскоро ќе се најдат пред судиите на национално и меѓународно ниво. Со оглед на тоа што природата и влијанието на пандемијата продолжува да еволуира, веројатно начинот на кој судовите ќе одговорат на овие прашања ќе помогне да се обликуваат и одговорите на државите на пандемијата во иднина. Затоа е од суштинско значење оние кои се занимаваат со прашањата поврзани со пандемијата да разберат кои се барањата на ЕКЧП од државите-членки во овој контекст. Не само што ова ќе помогне да се обезбеди одговор на државите кој ќе биде во согласност со начелото на почитување на човековите права, туку, тоа исто така, ќе има влијание и врз развојот на подолготрајни норми за човековите права во областа на јавното здравство и ќе помогне да се постават стандарди во однос на ефективноста на законодавството во областа на човековите права во вонредни ситуации во догледна иднина.
Разбирањето на постојната, релевантна судска пракса на ЕСЧП може да помогне да се обезбедат клучни одговори за надминување на новите предизвици и обезбедување на корисна рамка во која би биле адресирани и разрешени новите правни проблеми.
Форумот ќе овозможи да се разгледаат можностите за примена на постојната судска пракса на ЕСЧП во однос на новите правни прашања и фактички ситуации кои се појавија во контекст на пандемијата. Форумот ќе доведе на едно место релевантни експерти за да разговараат за тоа во кој степен државите-членки можат да бидат подведени под позитивните обврски и за тоа кога точно можат да настанат таквите обврски. Форумот, исто така, ќе ја потпомогне расправата за главните закани по човековите права што се појавија во контекст на пандемијата и ќе им обезбеди можност на учесниците да ги споделат нивните согледувања во врска со најдобрите пракси за надминување на овие предизвици врз основа на нивното досегашно искуство во справувањето со пандемијата. Како и секогаш, на форумот ќе биде поттикната соработката помеѓу учесниците за да развиваат решенија за тоа како да се справат со постојните и/или идните предизвици во нивната работа.