Враќањето на имот во Албанија било во согласност со Конвенцијата

Предметот Бешири против Албанија (жалба бр. 29026/06, 07.05.2020) и 11 други жалби се однесуваа на пролонгирано неспроведување на правосилни одлуки за доделување надомест за одземен имот за време на комунизмот. Во својата одлука во овој предмет, Европскиот суд за човекови права едногласно ги прогласи жалбите за недопуштени.

Сите жалители добиле правосилни управни одлуки со кои им се признава правото на надоместок како замена за враќањето на имотите што биле конфискувани или национализирани од поранешниот комунистички режим. Сепак, тие правосилни одлуки никогаш не биле спроведени во целост.

Поконкретно, Судот детално ги испита новите домашни правила за решавање на многуте неисплатени побарувања кои произлегуваат од повеќедецениските одлуки за надомест на штета кои не биле спроведени. Тие правила, кои стапиле на сила со Законот за имот во 2015 година, биле одговор на пилот-пресудата на Судот во 2012 година во предметот Манушаче Путо и други против Албанија, во кои беа констатирани повреди на член 6 § 1 (право на правично судење), член 1 од Протоколот бр. 1 (заштита на имот) од Конвенцијата и член 13 (право на ефективен правен лек) и содржеле општи препораки за чекорите кои било потребно да се преземат за справување со овој долгогодишен проблем.  Судот заклучи дека механизмот воведен со Законот за имот во 2015 година бил ефективен правен лек кој жалителите морале да го користат, дури и ако нивните жалби биле поднесени пред стапувањето на сила на овој закон.

Тој ги прогласи нивните жалби за недопуштени заради тоа што не биле исцрпени домашните правни лекови, како преуранети, или затоа што жалителите веќе не биле жртви во смисла на повреда на нивните права. Судот додаде клучен услов: истакна дека проценката на имотот според Законот за недвижнини од 2015 година може да резултира, во некои случаи, во многу пониски нивоа на отштета/надоместок отколку што тоа било случај според претходното законодавство. За да се избегне ваквото прекумерно оптоварување на оваа категорија поранешни сопственици, отштетата според новиот правен лек морала да биде барем 10% од вредноста на која би имале право поранешните сопственици доколку финансиската проценка се извршeла според тековната катастарска категорија на одземениот имот.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права