Генералното собрание на ОН го одреди Меѓународниот ден на рефлексија и комеморација на геноцидот во Сребреница

На 23 мај 2024 година, Генералното собрание на Обединетите нации гласаше и усвои резолуција со која 11 јули е воспоставен како Меѓународен ден на рефлексија и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година.

Овој нов меѓународен ден ќе го одбележува масакрот во 1995 година, во кој беа убиени најмалку 8.372 Бошњаци од силите на босанските Срби во источниот босански град Сребреница. Масакрот доведе до илјадници раселени луѓе и целосно уништени заедници. Бруталните убиства на босанските муслимани во Сребреница беа признати како акт на геноцид од страна на Меѓународниот суд на правдата (МСП) и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија.

Резолуцијата недвосмислено го осудува секое негирање на геноцидот во Сребреница како историски настан. Исто така, ги осудува и сите дејствија со кои се глорифицираат поединците осудени од меѓународните судови за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, вклучително и оние кои се одговорни за геноцидот во Сребреница. 

И покрај напорите на српските власти да ја блокираат резолуцијата, таа беше усвоена со тоа што 84 земји гласаа „за“, 19 гласаа „против“, 68 беа воздржани и 22 земји не гласаа. Српските власти тврдеа дека резолуцијата неправедно ги демонизира Србите, иако во неа Србите не се споменуваат како виновници.

Следствено, усвојувањето на резолуцијата предизвика протести и дополнителни напори за лобирање од страна на претседателот на Србија и раководството на босанските Срби.

Резолуцијата, поднесена од Германија и Руанда, исто така, бара од земјите-членки на ОН „да ги зачуваат утврдените факти, вклучително и преку нивните образовни системи со изготвување соодветни програми и во знак на сеќавање, со цел да се спречи негирање и искривување, како и појава на геноциди во иднина.”