Извештај за состојбата со човековите права во Србија во 2020 година

Белградскиот центар за човекови права (БЦЧР) го објави својот Извештај за состојбата на човековите права во Србија во првата половина на 2020 година, во кој фокусот се става на почитувањето на човековите права за време на вонредната состојба. Во извештајот се заклучува дека демократијата во Србија продолжила да се влошува и се наведуваат сериозни повреди на човековите права, особено од 15 март 2020 година наваму, кога беше воведена вонредна состојба како одговор на пандемијата КОВИД-19.

Одлуката за прогласување на вонредна состојба и сите последователни мерки беа донесени од извршната, а не од законодавната власт. Прибегнувањето кон оваа можност беше неоправдано иако истото е предвидено со Уставот супсидијарно и во исклучителни случаи. Во текот на вонредната состојба дојде до тешко кршење на уставно загарантираните човекови и малцински права, вклучително и несразмерни ограничувања на слободата на движење; беа забележани бројни примери и сведочења на граѓани кои биле претепани, уапсени и притворени за кршење на мерките за самоизолација за кои не биле известени на соодветен начин.

Очигледно беше непостапувањето на Уставниот суд за време на вонредната состојба. Поминаа шеесет и седум дена од воведувањето на вонредната состојба до првата одлука на овој суд. Во тој период тој единствено реагираше јавно на критиките за неговата неактивност.

Состојбата со медиумите продолжи да се влошува во првата половина на годината. Бројот на напади и притисоци врз новинарите се зголеми, како и реториката на властите против непристрасните медиуми. Заклучокот на Владата од 28 март со кој се дозволува само Кризниот штаб за КОВИД -19, предводен од Премиерот, да објавува какви било информации поврзани со пандемијата, претставува централизирање на информациите и цензура.

Судството, како посебна власт, не ги исполни стандардите и очекувањата поврзани со подобрувањето на неговата ефикасност, правичноста на пристапот до правдата и заштитата на граѓанските права. Воведување на судења на скајп за време на вонредната состојба без можност обвинетите да добијат јавно образложение на одлуките против нив и невоедначената судска пракса што произлегуваат од изрекувањето на различни казни за исти дела сторени за време на вонредната состојба дополнително ја зголемија правната несигурност и ја поткопаа довербата на јавноста во судството.

Заштитникот на граѓаните, Комесарот за заштита на рамноправноста, Комесарот за информации од јавен карактер и заштита на личните податоци и Агенцијата за борба против корупцијата не беа особено активни во првата половина на годината, особено за време на вонредната состојба, кога на граѓаните им беше потребна и очекуваа поголема заштита. Неуспехот на Парламентот навремено да започне постапка за избор на нов Комесар за заштита на рамноправноста беше особено загрижувачки: оваа институција не ги извршува своите со закон предвидени обврски за заштита на граѓаните од дискриминација од мај наваму, кога истече мандатот на претходниот комесар.

Овде можете да го прочитате целиот извештај:http://www.bgcentar.org.rs/bgcentar/eng-lat/wp-content/uploads/2014/01/Human-Rights-in-Serbia-I-VI-2020-fin.pdf

Преземено од вебсајтот на Белградскиот центар за човекови права