Мерки на Европскиот суд за човекови права за време на пандемијата КОВИД-19

Европскиот суд за човекови права презеде низа исклучителни мерки како одговор на избивањето на епидемијата на коронавирусот COVID-19.

Во согласност со мерките за изолaција донесени од земјата домаќин, и притоа поспешувајќи ја работата по телефон и електронската комуникација, Судот продолжи со реализација на своите основни активности (особено во однос на постапувањето по приоритетните предмети) и продолжи да прима жалби и да ги распределува истите на соодветните судски организациски единици. Во овој период, само на оние поединци – судии и членови на Секретаријатот (Регистарот) –  чие физичко присуство е од суштинско значење им беше дозволено да пристапат до зградата во која е сместен судот, на доброволна основа и строго во согласност со здравствените мерки на претпазливост пропишани од надлежните органи.

Првенствено, шестмесечниот рок за поднесување на жалби и сите рокови кои се однесуваат на тековните предмети беа продолжени за еден месец, почнувајќи од 16 март.

На 09 април, беше објавено дека ќе продолжат исклучителните мерки преземени од страна на Судот во контекст на глобалната здравствена криза, и тоа:

  • Шестмесечниот рок за поднесување на жалба, согласно член 35 од Европската конвенција за човекови права, кој беше исклучително продолжен за еден месец почнувајќи од 16 март 2020 година, сега е продолжен за дополнителни два месеца, односно од 16 април 2020 до 15 јуни 2020 година.
  • Временските рокови што беа определени во тековните постапки, и беа продолжени за еден месец, почнувајќи од 16 март 2020 година, сега се продолжуваат за понатамошни два месеца, почнувајќи од 16 април 2020 година. Но, ова не важи за тримесечниот период одреден во член 43 од Конвенцијата за поднесување на барање од странките за упатување на предмети до Големиот судски совет.

Преземено од веб-сајтот на Европскиот суд за човекови права