Одлука на Европскиот суд за човекови права да се отстрани православна црква изградена на приватна парцела

Во предметот Орловиќ и др. Босна и Херцеговина (жалба бр. 16332/18 од 01.10.2019 година), Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) едногласно утврди дека дошло повреда на член 1 од Протоколот бр. 1 (заштита на имот) од Европската конвенција за човекови права (Конвенцијата).

Предметот се однесуваше на црква подигната од Српската православна парохија на парцелата на жалителите откако тие морале да го напуштат својот имот за време на војната 1992-1995 година. Жалителите се семејство од 14 члена, граѓани на Босна и Херцеговина. За време на војната 1992-95 година тие биле принудени да побегнат од својот дом во Коњевиќ Пољу. Нивниот имот се состоел од неколку станбени и земјоделски згради, полиња и ливади. Во 1998 година, на нивната земја била изградена црква после извршена експропријација во корист на Српската православна парохија Дринача. Жалителите никогаш не биле информирани за овие постапки.

Жалителите покренале постапка за враќање на имотот. Им била доделена целосна реституција со одлука на Комисијата за имотни побарувања на раселени лица и бегалци во 1999 година, по што следувала втора одлука на Министерството за бегалци и раселени лица во 2001 година. Одлуките биле конечни и извршни.

Земјиштето после тоа им било вратено на жалителите, освен  парцелата на која е изградена црквата. Во следните години, жалителите барале целосно враќање на имотот, без успех.

ЕСЧП конкретно утврди дека надлежните органи не ги исполниле конечните и обврзувачки одлуки од 1999 и 2001 година со кои е утврдено право на враќање на предметниот имот на жалителите, а Владата не понудила никакво оправдување за таквиот непостапување, што резултирало со сериозна повреда на нивните сопственички права.

ЕСЧП исто така пресуди, со шест наспроти еден глас, а во согласност со член 46 (задолжителност и извршување на пресудите) дека тужената држава мора да обезбеди спроведување на тие две одлуки во корист на апликантите, и особено, да обезбеди отстранување на црквата од нивниот имот најдоцна во рок од три месеци од датумот кога пресудата на ЕСЧП станала конечна.

Покрај тоа, ЕСЧП едногласно одлучи дека, во рок од 3 месеци од денот кога пресудата на ЕСЧП станува конечна, Босна и Херцеговина е обврзана да и’ исплати на првата жалителка 5.000 евра за надомест на материјална штета и по 2.000 евра на другите останати жалители, и дека по истекот на горенаведените три месеци до намирувањето, тужената држава ќе биде обврзана да исплати камата на горенаведените износи по стапка еднаква на маргиналната (граничната) каматна стапка на Европската централна банка за време на утврдениот период плус три процентни поени.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права