Осудителната кривична пресуда на студент заради неговите забелешки во врска со премиерот претставува прекршување на Конвенцијата

Во случајот Омур Чагдаш Ерсој против Турција (жалба бр. 19165/19, 15.06.2021), Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека дошло до повреда на членот 10 (слобода на изразување) на Европскaта конвенција за заштита на човековите права.

Предметот се однесуваше на осудителната кривична пресуда на студент (г-дин Ерсој) од Универзитетот ОДТУ (турски: Ortadoğu Teknik  Üniversitesi) кој беше обвинет за навреда на јавен службеник заради функцијата која истиот ја извршува. Властите го обвиниле г-дин Ерсој врз основа на изјавите што ги дал за тогашниот премиер (г. Реџеп Таип Ердоган) во говорот одржан пред судовите во Анкара на 22 декември 2012 година, за време на митингот за поддршка на студентите кои беа притворени на 18 декември 2012 година во универзитетскиот кампус ОДТУ заради тоа што протестирале против посетата на премиерот.

Судот утврди дека забелешките на г-дин Ерсој се поврзани со дебата од јавен интерес во врска со полициската интервенција на студентските демонстрации од 18 декември 2012 година, како и во врска со односот и политиките на државните органи и премиерот кон студентите од ОДТУ. Предметните коментари укажуваат на одреден пркос и непријателство кон премиерот, со самото тоа што во нив се осудува односот на премиерот кон институцијата ОДТУ и нејзините студенти, кој според  г. Ерсој е скандалозен и екстремен, а неговиот метод на владеење опишан е како диктатура.

Судот повтори дека границите на прифатлива критика се полиберални во однос на еден политичар отколку во однос на приватно лице. Во секој случај, Судот истакна дека при осудувањето на г. Ерсој, домашните судови се потпирале на одредба од Кривичниот законик што им овозможува на државните службеници поголем степен на заштита отколку на другите лица во врска со откривањето на информации или мислења во врска со нив. Во врска со ова, Судот го повтори својот претходен заклучок дека обезбедувањето зголемена заштита на носители на на јавни функции преку  посебен закон кој се однесува на навреда, по правило, не е во согласност со духот на Конвенцијата. Исто така, посочи дека, иако е сосема легитимно лицата што ги претставуваат институциите на државата, како гаранти на институционалниот јавен поредок, да бидат заштитени од надлежните органи, доминантната позиција што ја заземале тие институции барала од властите да покажат воздржаност од прибегнување кон кривични тужби.

Како последица на тоа, националните власти не постигнале рамнотежа помеѓу правото на г. Ерсој на слобода на изразување и правото на спротивната страна на почитување на нејзиниот приватен живот, во согласност на принципите утврдени во судската пракса на Судот. Во секој случај, овде не постоел разумен однос на пропорционалност помеѓу мешањето во правото на г. Ерсој за слобода на изразување и легитимната цел да се заштити угледот на засегнатото лице.

 

Преземено од официјалниот веб-сајт на Советот на Европа