Статусот на лицата без државјанство не бил регулиран во согласност со Конвенцијата

Во предметот Судита Кеита против Унгарија (жалба бр. 42321/15, 12.05.2020) Европскиот суд за човекови права утврди дека дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права.

Жалителот, Мајкл Судита Кeита, е лице без државјанство (со потекло од Сомалија и Нигерија), кое е родено во 1985 година и живее во Будимпешта.

Предметот се однесуваше на потешкотиите во регулирањето на неговиот правен статус во Унгарија во период од 15 години. Г-н Судита Кeита пристигнал во Унгарија во 2002 година, при што поднел барање да му биде признаен статус на бегалец. Имиграциските власти го отфрлиле тоа барање истата година.

Тој продолжил да живее во земјата без никаков правен статус, со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година кога добил дозвола за престој од хуманитарни причини како лице во егзил затоа што не можел да се врати во Сомалија додека траела граѓанската војна, а нигериската амбасада во Будимпешта одбила да го признае како свој граѓанин.

Властите го разгледале неговиот статусот на лице во егзил во 2008 година и издале наредба за негова депортација во 2009 година, но таквата наредба не била спроведена. Најпосле, во 2017 година унгарските судови го признале неговиот статус на лице без државјанство. Барањето му било најпрво одбиено затоа што не го исполнувал условот да има „законски престој во земјата“, содржан во релевнатното национално право. Но, тој услов бил прогласен за противуставен во 2015 година.

Потпирајќи се особено на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права, г-дин Судита Кеита се жалеше на долготрајното одбивање на властите да му го регулираат статусот, тврдејќи дека тоа негативно се одразило на неговиот пристап до здравствена заштита и вработување, како и на неговото право на брак.

Судот сметаше дека е важно да се нагласат неколку аспекти на постапката поврзани со статусот на жалителот во Унгарија. Тој не се сложи со аргументите на Владата, според кои членот 8 од Конвенцијата не може да се толкува така што од него би произлегло дека државата е обврзана на одредено лице да му даде статус на лице без државјанство. Оваа жалба не се однесува на неможноста г-дин Кеита да добие статус на лице без државјанство, туку на општата неможност да се регулира неговиот статус во Унгарија во период од петнаесет години.

Во однос на ова, Судот забележа дека жалителот – по одлуката од 29 ноември 2002 г. со која се одбива да му се признае бегалски статус – ефективно живеел во Унгарија без никаков правен статус и притоа бил лишен од основните права на здравствена заштита и вработување.

Исто така, треба да се потенцира дека, сè до решението на Уставниот суд да го поништи условот кој се однесувал на „законскиот престој во земјата“, практично било невозможно на жалителот да му се признае статус на лице без државјанство, бидејќи тој не го исполнувал овој услов. Така, во реалноста, спротивно на принципите што произлегуваат од Конвенцијата на ООН за статусот на лицата без државјанство од 1954 година, од жалителот, лице без државјанство, се барало да исполни услови кои тој, токму заради неговиот статус, не бил во можност да ги исполни.

Судот, исто така, забележа дека, по одлуката на Уставниот суд од 23 февруари 2015 година, на домашните судови им требало до 11 октомври 2017 година да донесат конечна правосилна одлука во предметот на жалителот, со која на крајот му бил даден статус на лице без државјанство.

Имајќи го предвид комбинираниот ефект на горенаведените елементи, Судот не е убеден дека во конкретните околности во предметот на жалителот, тужената држава ја исполнила својата позитивна обврска да обезбеди ефективна и достапна постапка или комбинација од постапки со кои би се утврдил статусот на жалителот во Унгарија со оглед на неговите интереси за почитување на неговиот приватниот живот според член 8 од Конвенцијата. Според тоа, дошло до повреда на член 8 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права