Судската одлука со која се наложува ДНК тест во спорниот предмет за докажување татковство не претставува повреда на правото на приватност

Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека нема повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) на Европската конвенција за човекови права во случајот Мифсуд против Малта (претставка бр. 62257/15).

Предметот се однесува на жалбата на г-дин Мифсуд против наредбата на судот да се подвргне на ДНК тест во предметот за оспорено татковство. Една жена, X, покренала судска постапка за да се утврди дека г-дин Мифсуд е нејзин биолошки татко и тоа да се внесе во нејзиниот извод од Матичната книга на родените.

Судот утврди дека судовите ги разгледале приговорите на г-дин Мифсуд против подвргнување на тестот во првостепениот граѓански суд и на две нивоа на уставна надлежност, за конечно да пресудат против него и да наложат постапката сепак да се спроведе.

Судот заклучи дека она што е важно е тоа дека жалителот имал можност да учествува во постапката, да изнесува аргументи и да ги испрашува сведоците. Таквите тестови не биле во спротивност со владеењето на правото и природната правда, особено со оглед на легитимната цел на државата во овој предмет на исполнување на својата обврска кон Х според член 8.

Судот утврди дека домашните судови воспоставиле правична рамнотежа помеѓу правата на г-дин Мифсуд и оние на жената Х, која се обидела да утврди дали тој е нејзиниот татко, како и дека нема повреда на членот 8.

Преземено од официјалната веб страна на Европскиот суд за човекови права