14 Јан Укинување на некои аспекти од родителските права врз основа на одбивање на родителите нивните деца да одат на училиште
Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека нема повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) на Европската конвенција за човекови права во предметот Вундерлих против Германија (жалба бр. 18925/15, 10.01.2015). Предметот се однесувал на укинување на одредени аспекти на правата на родителите и на одземање на четирите деца од нивниот семеен дом во траење од три недели, откако жалителите упорно одбивале да ги испратат своите деца на училиште, со што биле загрозени најдобрите интереси на децата, зашто растеле во „паралелен свет“.
Повикувајќи се на член 8, жалителите се жалеа против одлуката на германските власти да укинат одредени делови од нивните родителски права и да ги упатат во Центарот за социјални работи. Тие особено се жалеа против насилното одземање на нивните деца и нивното сместување во детски дом во период од три недели.
Судот особено утврди дека налогот за извршување на задолжителното посетување училиште со цел да се обезбеди интеграција на децата во општеството е релевантна причина, која го оправдува делумното лишување од родителските права. Судот, исто така, утврди дека властите разумно претпоставиле дека децата биле изолирани, дека немале контакт со никого надвор од семејството и дека постоел ризик во однос на нивниот физички интегритет.
Судот смета дека фактичкото одземање на децата не траело подолго отколку што било неопходно за да се обезбедат нивните најдобри интереси. Судот заклучи дека има „релевантни и доволни“ причини за укинување на одредени делови од правата на родителите и за привремено отстранување на децата од нивниот семеен дом. Поради тоа, Судот не утврди повреда на членот 8 од Конвенцијата.
Преземено од официјалната веб страна на Европскиот суд за човекови права