08 Мар Автоматското ограничување на избирачкото право на лицата ставени под делумно старателство не било во согласност со Конвенцијата
Во предметот Анатолиј Маринов против Бугарија (жалба бр. 26081/17, 15.02.2022 година) Европскиот суд за човекови права едногласно оцени дека дошло до повреда на Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на избирачкото право кое г-дин Маринов не можел да го оствари на парламентарните избори во Бугарија во 2017 година. Неговото право на глас било автоматски одземено, во согласност со Уставот, кога бил ставен под делумно старателство поради психички проблеми во 2000 година.
Судот забележа дека суштината на неговата жалба не е дека тој бил лишен од својата деловна способност, но дека како таков, му било забрането учество на било какви избори во земјата. Според мислењето на Владата, одземањето на избирачкото право на лицата под старателство имало за цел да се обезбеди дека само лица способни да донесуваат информирани и значајни одлуки би можеле да учествуваат во изборот на законодавниот дом на земјата. Претставниците на Владата истакнаа дека поединечната ситуација на секое лице била оценета од националните судови во текот на постапката за ставање на тоа лице под старателство.
Судот беше уверен дека мерката имала легитимна цел. Сепак, беше истакнато дека со ограничувањето не се правела разлика помеѓу оние под целосно старателство и оние под делумно старателство. Понатаму, не постоеја докази дека бугарскиот законодавен дом некогаш го покажал намера да ги одмери спротивставените интереси или да ја оцени пропорционалноста на Уставното ограничување за кое станува збор, и на тој начин, да им отвори пат на судовите да ја анализираат способноста на едно лице да го остварува своето избирачкото право, независно од одлуката тоа лице да се стави под старателство. Освен тоа, се покажа дека таквата можност не би била во согласност со домашната законодавна рамка.
Г. Маринов го загубил своето право на глас поради автоматско, целосно ограничување на избирачкото право за лицата кои се наоѓаат под делумно старателство, без индивидуална судска процена на неговата способност да гласа. Судот повтори дека таквиот автоматски третман на сите оние со интелектуална или психичка попреченост може да се стави под знак прашање, а ограничувањето на нивните права мора да биде предмет на строг надзор.
Според тоа, Судот заклучи дека неселективното одземење на избирачкото право на г. Маринов – без индивидуална судска ревизија и единствено врз основа на фактот дека неговата психичка попреченост подразбирала тој да биде ставен под делумно старателство – не може да се смета за сразмерно на легитимната цел ограничување на избирачкото право. Според тоа, во овој предмет дошло до повреда на член 3 од Протоколот бр. 1 на Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права