Водењето полициски досиеја за судиите врз основа на нивните политички погледи довело до повреда на Конвенцијата

Во предметот М.Д. и други против Шпанија (претставка бр. 36584/17, 28.6.2022), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесувал на составување и водење досиеја од страна на полицијата во Каталонија за судии кои изразиле одредени ставови за независноста на тој регион од Шпанија. Подносителите на претставката се 20 шпански државјани. Тие се активни судии во Каталонија. Во февруари 2014 година, заедно со 13 други судии, тие напишале манифест во кој бил изнесен нивниот став дека каталонскиот народ треба да има „право да одлучува“ (т.е. за каталонската независност) според уставот и меѓународното право. Во март истата година, весникот „Ла Разон“ објавил напис за нивниот манифест, под наслов „Заговорот на триесет и тројцата сепаратистички судии“. Написот содржел лични податоци и фотографии на подносителите на претствката, преземени од полициската база на податоци.

Судот повтори дека основната цел на членот 8 е да се спречи мешањето на полицијата во приватноста на приватниот или семејниот живот, домот или кореспонденцијата на поединецот. Меѓутоа, членот исто така повлекува и обврска активно да се заштити поединецот од произволно мешање во неговата приватност од страна на властите.

Во однос на полициските извештаи, Судот истакна дека не постои домашна законска одредба со која се овластува составувањето такви извештаи без некаква поврзаност со кривично дело. Извештаите содржеле лични податоци, фотографии и одредени професионални информации (делумно преземени од полициската база на податоци за лични документи), а во некои случаи и политички ставови. Судот заклучи дека самото постоење на такви полициски извештаи било во спротивност со член 8.

Во врска со протекувањето и истрагата што уследила, Судот изјави дека е неоспорно дека фотографиите и некои други информации се преземени од полициската база на податоци за лични документи. Домашните власти утврдиле дека шпанската држава била одговорна за протекувањето на информациите. Иако биле земени изјави од некои сведоци, за да биде спроведена ефективна истрага за протекувањето, било неопходно да се земат изјави од Вишиот началник на полицијата на Барселона, до кого биле упатени пријавите и кој бил одговорен за базите на податоци. Тоа не било сторено. Со неспроведувањето на овој истражен чекор, државата не ги исполнила своите обврски од член 8 од Конвенција. Со оглед на ваквите наоди, дошло до повреда на членот 8 од Конвенцијата. 


Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права