17 Мар Годишни извештаи на американскиот Стејт департмент за човековите права за Балканот
Според последните извештаи за човекови права, подготвени од Стејт Департментот на САД, политичкото влијание и директната или индиректната контрола врз медиумите, како и кампањите за лажно дискредитирање, заканите и насилството врз новинарите, доведуваат до влошување на медиумското опкружување во повеќето земји на Балканот.
Во извештај за Србија се вели следново: “Иако се’ уште постојат независни медиуми кои изразуваат широк спектар на гледишта, здруженијата на новинари и меѓународните набљудувачи тврдат дека се интензивира владиниот притисок врз медиумите “. Понатаму, се додава: “Постојат пријави дека владата активно се обидувала да го насочи медиумското известување за одреден број прашања.”
Во Албанија, како главен проблем се истакнува злоупотребата на медиумите од страна на нивните сопственици. Во делот од извештајот кој се однесува на Албанија се нагласуваат и заканите од страна на надлежното тело за телекомуникации во земјата за затворање на веб-сајтови, публикацијата на БИРН на албански јазик Reporter.al, како и тужбите за клевета кои ги поднел судијата Џин Џони против новинарот на БИРН Албанија и новинарите на весникот Shkiptarja.com.
За разлика од другите земји, во извештајот се вели дека медиумската клима во Северна Македонија е подобрена. “Додека медиумите и известувањето и понатаму се во голема мера бидат поделени по политички линии, зголемен е бројот на независни медиуми кои активно изразуваат различни ставови без отворени ограничувања”, се вели во извештајот.
Стејт департментот предупреди дека црногорските власти лошо функционираат кога станува збор за кривично гонење на одговорните за убиствата поврзани со организиран криминал, но во изминатата година сепак има интензивирање на кривичниот прогонот за убиствата поврзани со организираниот криминал. Исто така, се истакнува дека невладините организации посочиле на фактот што голем број полицајци во Црна Гора се сметаат за одговорни за кршење на правилата за нивната служба, вклучувајќи и случаи на прекумерна употреба на сила додека се на должност. Во делот од извештајот кој се однесува на Црна Гора, исто така, се истакнува дека “нападите насочени кон новинарите и понатаму остануваат сериозен проблем”, и се додава дека независните и опозициските медиуми се жалат на неправедниот третман и економскиот притисок на владините министерства и агенции.
Кога станува збор за Косово, во извештајот се наведени нападите врз српското население како еден од проблемите во земјата. “Во првите седум месеци од годината имаше повеќе од 100 инциденти кои вклучуваат кражби, провалување, вербално малтретирање и оштетување на имот на косовските Срби и на Српската православна црква”, се вели во извештајот. Исто така, се истакнува ендемичната корупција во редовите на косовската влада, како и заканите и нападите врз новинарите.
Стејт департментот на САД објавува годишни извештаи за човекови права од 1977 година и тие покриваат широк спектар на прашања, вклучувајќи ја и слободата на медиумите и слободата на изразување.
Претходно годинава, невладината организација Фридом хаус и’ додели на Србија понизок статус, односно од слободна ја сврсти во делумно слободна земја, заедно со Унгарија.
Повеќе информации за горенаведените извештаи можете да најдете на: https: //www.state.gov/j/drl/rls/hrrpt/humanrightsreport/#wrapper