10 Мај Дигитални права на Западниот Балкан
Последниот годишен извештај на БИРН покажува како политичките тензии, културните војни и руската пропаганда ги интензивираа кршењата на дигиталните човекови права на Балканот. Западниот Балкан се соочува со тековни политички тензии и „културни војни“, кои мигрираа од физичкиот свет во дигиталниот простор, што доведе до кршење на човековите права во дигиталните средини.
Извештајот на БИРН, насловен „Извртување на вистината: говорот на омраза и дезинформациите поттикнуваат злоупотреба на дигиталните права на Балканот“, ги опфаќа дигиталните права во осум земји од регионот – Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Романија, Србија, плус Унгарија. Од 1 септември 2021 година до 31 август 2022 година, БИРН документирал 782 прекршувања на дигиталните права. Еве каква е дистрибуцијата на овие случаи: Босна и Херцеговина (77 случаи), Хрватска (70), Унгарија (146), Косово (89), Северна Македонија (83), Црна Гора (65), Романија (128) и Србија (124), што е документирано од Фондацијата „SHARE“.
Во извештајот се подвлекува дека кршењето на човековите права во кревките демократии се разликува по видот, природата, опсегот и целта, што, во комбинација со технологијата којашто брзо се менува, доведе до кршење на човековите права во дигиталните средини. Новинарите, јавните службеници, активистите за човекови права и јавноста се соочуваат со различни напади на интернет, вклучувајќи кампањи за оцрнување, „тролање“ и говор на омраза. Идентификувајќи ги клучните трендови во кршењето на дигиталните права, извештајот предупредува на ширењето на појавата на кршење на дигиталните права во регионот. Потребни се поригорозни мерки на утврдување одговорност за да се решат овие прашања, при што од клучно значење е промовирањето на одговорното практикување на слободата на говор и во онлајн и во офлајн домените.
Целта на БИРН е да ги опреми креаторите на политики, граѓанските организации и граѓаните со алатките потребни за заштита на дигиталните права сега и во иднина. Во извештајот се понудени препораки за креаторите на политиките, регионалните регулатори, медиумите и технолошките субјекти и поединци, насочени кон промовирање и заштита на дигиталните права во онлајн медиумите и новинарството, вклучувајќи ги слободата на изразување, пристапот до информации и приватноста.
Препораките на БИРН вклучуваат криминализација на сите видови онлајн агресија, обезбедување специфична обука и ресурси за органите за спроведување на законот и обвинителите, преземање привремени мерки за борба против говорот на омраза, давање приоритет на развојот и спроведувањето на робусни сајбер-безбедносни мерки, соработка со локалните актери на граѓанското општество на модерирање на содржините и слободата на говорот и подобрување на собирањето податоци за целите на борбата против говорот на омраза и криминалот од омраза. Следејќи ги овие препораки, креаторите на политики и регулаторите можат да помогнат да се обезбеди почитување на правата и слободите на корисниците од страна на дигиталните платформи и технологии, придонесувајќи на тој начин кон поздрава, подинамична дигитална јавна сфера во којашто може да се слушнат различни гласови и да се одвива информирана јавна дебата.
Целосниот извештај може да се најде на: https://balkaninsight.com/2023/03/30/hate-speech-and-disinformation-fuel-digital-rights-abuses-in-balkans/
Преземено од веб-сајтот на БИРН